Вардар и Металург ќе ја претставуваат Македонија во ЛШ, а по два тима ќе имаат уште Полска, Унгарија, Германија, Шпанија и Данска. Најмногу екипи, три, има од Франција
Ракометарите на Вардар и на Металург и во 26-то издание на најквалитетното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), ќе ги бранат боите на Македонија. Европската ракометна федерација (ЕХФ) за сезоната 2018/2019 ја прифати кандидатурата за настап во ЛШ, која ја упати Металург, кој 10-ти пат ќе игра во ЛШ, а ќе биде дел од групите Ц и Д. Вардар, како првак на Македонија, е дел од поквалитетните групи А и Б и за него ова ќе биде 13-то учество во ЛШ. Групите А и Б ќе имаат по осум тима, а тие во Ц и Д по 12. Ждрепката за групната фаза треба да биде влечена на 29 јуни.
Во ЛШ ќе играат вкупно шест поранешни победници (Вардар, Барселона, Фленсбург, Целје, Монпелје и Киелце), кога ќе почне групната фаза во новата сезона (12-16 септември). Најмногу екипи, три, има од Франција, а по две од Македонија, Полска, Унгарија, Германија, Шпанија и од Данска.
Македонија е единствена држава од поранешна СФРЈ со две екипи, Хрватска и Словенија имаат по една, а Србија и Црна Гора воопшто немаат претставник, што доволно зборува каде се игра најквалитетен ракомет. Поради бројот на пријави, ЕХФ одлучи сезонава да нема квалификациски турнир, што значи дека отпаднаа шест тима, од нив најзвучното е Фуксе Берлин, а нема да играат и Алфа хард, Макаби, ЦСК Минск, Лионс и Горење. Во однос на минатата сезона во ЛШ нема да играат Алборг, Кадетен, Кил и Горење, а на нивно место се Силкеборг, Татран, Рихимаен и Тун.
Македонија ќе има шест интернационалци во идната сезона во ЛШ, и тоа, Кирил Лазаров (Нант), Дејан Манасков (Веспрем), Филип Талески (Левен), Филип Лазаров, Немања Прибак (Бешикташ) и Жарко Пешевски (Мотор).
Македонија во сезоната 2018/2019 нема да има свој претставник во женска конкуренција во Лигата на шампионките. Двократниот женски европски вицепрвак од последните две години, Вардар, не се пријави за настап.