Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од денеска до петок, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) втора година по ред во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе биде домаќин на меѓународен турнир за кадети. Селекторот Данило Брестовац, заедно со Никола Матлиевски, за овој турнир селектираа 34 ракометари од кадетските екипи и формираа две селекции за да тестираат што поголем број ракометари.

За двајцата селектори натпреварите на турнирот ќе бидат првиот филтер за формирање на кадетската репрезентација на Македонија (ракометари родени во 2002 и во 2003 година), која налето ќе биде домаќин на Шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б.

Покрај двете македонски селекции, дел од турнирот ќе бидат и селекциите на Србија, Бугарија и на Босна и Херцеговина. За да одиграат што повеќе натпревари, селекциите ќе играат секој со секого, така што секоја селекција ќе одигра по четири натпревари.

Турнирот ќе почне со мечевите меѓу Македонија (Б) и Србија (од 18 ч.) и Македонија (А) и Бугарија (од 20 ч). Влезот во салата е слободен, а секој од натпреварите ќе биде пренесуван на јутуб-каналот на РФМ. 


РАСПОРЕД
Денеска
Македонија (Б) – Србија 18 ч.
Македонија (А) – Бугарија 20 ч.
Утре
БиХ – Србија 10 ч.
Македонија (Б) – Бугарија 12 ч.
БиХ – Бугарија 18 ч.
Македонија (А) – Србија 20 ч.
Четврток
Бугарија – Србија 10 ч.
БиХ – Македонија (Б) 12 ч.
Македонија (А) – БиХ 18 ч.
Петок
Македонија (А) – Македонија (Б) 10 ч.