Пресреќен сум што доаѓам во Металург, со нетрпение очекувам да се приклучам на тимот, да почнам да играм и да помогнам во остварувањето на клупските цели, изјави Калуѓеровиќ, кој беше дел од олстар-тимот и избран за најдобар централен бек на младинскиот шампионат на ЕХФ лани

РАКОМЕТ

Црногорскиот ракометен репрезентативец Василие Калуѓеровиќ (22 г., 191 см) е новото име што во продолжението од сезоната ќе ги засили редовите на Металург. Калуѓеровиќ, кој игра на позицијата лев бек, во Металург доаѓа од редовите на шведски Гуиф и заедно со Момир Рниќ, Марко Тарабокија и Стефан Додиќ ќе биде поддршка во ротацијата на левата и на централната бековска позиција.
– Пресреќен сум што доаѓам во Металург, тим што има историја. Со нетрпение очекувам да се приклучам на тимот, да почнам да играм и да помогнам во остварувањето на клупските цели – изјави Калуѓеровиќ, кој со Металург потпиша договор на една и пол година.
Тој потекнува од школата на ракометниот клуб Ловќен, а пред да се пресели во шведскиот шампионат беше дел од босанскиот тим Извиѓач со кого настапуваше во Регионалната лига и беше еден од најдобрите поединци во тимот со ефект од 56 гола и 33 асистенции. Како дел од младинската репрезентација на Црна Гора беше дел од олстар-тимот на младинскиот шампионат на ЕХФ во Црна Гора минатата година, кога беше избран за најдобар централен бек.
– Можноста да играм на европска сцена беше тоа што ме привлече да дојдам во Металург, но и тоа што ќе имам можност да играм силни натпревари во домашното првенство – рече тој.