Ракометниот клуб Голден Арт КЛ7 ја информира целокупната спортска јавноста и надлежните институции дека по натпреварот од второто коло на Суперлигата, кој се одигра во Радовиш против истоимениот тим, кај дел играчите се појавија симптоми карактеристични за вирусот ковид-19. Клубот како институција која е максимално одговорна спрема своите играчи и вработени веднаш изврши ковид тестирање во Клиника Жан Митрев (преку брис од нос и грло) на комплетниот играчки кадар, стручниот штаб и комплетната логистика, по кое се откриени 16 позитивни резултати на ковид-19.
Според прописите за третман на лица кои се ковид-19 позитивни и лицата кои имале контакт со нив, комплетниот играчки кадар ќе биде ставен во изолација во следните 15 денови.
Голден Арт КЛ7 наведува дека во пресрет на подготовките за тековната сезона, клубот направи комплетно теститрање на играчкиот погон во првиот тим и во младинските категории, како и на комплетниот стручен штаб и клубската логистика, при што навремено беа откриени два случаи позитивни на ковид-19 кои беа изолирани и излечени.
Голден Арт КЛ7 апелира до сите клубови и целокупната јавност да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, со една единствена цел, спречување на понатамошно ширење на вирусот.
РФМ ја стави во мирување А-групата во Суперлигата
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) донесе одлука да ја стави во мирување А-групата од суперлигашката конкуренција. Одлуката е донесена откако Голден Арт КЛ7 пријави 16 позитивни случаи на коронавирусот.
Покрај оние во Голден Арт КЛ7, два позитивни случаи има и во редовите на Радовиш. Овие тимови во понеделникот играа во рамките на Суперлигата.
Покрај овие два клуба во А-групата се натпреваруваат Струга, Астраион, Охрид, Тинекс Пролет и Јуниор Кисела вода.