Домашни селектори имаат 21 од 24-те селекции
Исландските стратези повторно доминираат меѓу селекторските имиња на 14-то Европското првенство (ЕП), кое првпат ќе се игра во три земји, Австрија, Норвешка и Шведска, во шест града Виена, Грац, Трондхајм, Стокхолм, Малме и Гетеборг, од 9 до 26 јануари 2020-та.
Три селекции, Исланд (Гудмундур Гудмундсон), Холандија (Елингур Ричардсон) и Шведска (Кристијан Андерсон), ќе бидат предводени од Исланѓани. Домашни селектори имаат 21 од 24-те селекции, а само три ќе имаат странци на клупата, Шведска, Холандија и Австрија (Словенецот Алеш Пајовиќ).
Селекторите на 24-те селекции ги објавија списоците на ракометари со кои ќе се обидат да остварат што подобар резултат на претстојното ЕП. Според составите што ги објави Европската ракометна федерација (ЕХФ), селекцијата на Данска го има најобемниот стручен тим, кој има 16-члена (тренери, физиотерапевти, доктори, аналитичари, видеоасистенти, медија-менаџери итн.), а Исланд нешто помаку, 14-члена делегација. Најтенок стручен тим составен од селектор, двајца тренери, двајца физиотерапевти и еден доктор пријавиле Швајцарија и Холандија.
Селекторот на Шпанија Жорди Рибера го има најискусниот и најефикасен список на играчи. Неговиот 28-член тим, е со просечна возраст од 29,5 години, а дури 13 ракометари се над 30 години. Шпанските репрезентативци од списокот на Рибера имаат ефект од 4.156 гола или просек од 148 гола по играч. Левиот бек на Киелце, Даниел Душебаев и десното крило на Барселона, Алекс Гомез со по 22 години се најмладите репрезентативци во составот на Шпанија.
Пет дебитантски имиња на репрезентативниот список пријави унгарскиот селектор Иштван Гулијаш, додека, пак, без ново име на списоците се селекциите на Данска, Хрватска, Холандија и на Шпанија.
Со проверени имиња на своите списоци излегоа и селекторите на Чешка, Австрија и Украина, кои ќе ѝ бидат ривали на Македонија во групата Б, во Виена.
Главни адути на Алеш Пајовиќ на австриската клупа се левиот бек на Кил, Никола Билик, десниот и левиот бек на Гумерсбах, Јанко Божовиќ и Александар Херман, крилата Роберт Вебер од Линден и Себастијан Фримел од Кристијанстад, како и голманот на Порто, Томас Бауер и пикерот на Кадетен, Лукас Хербургер.
Главни адути на селекторскиот двоец на клупата на Чешка, Јан Филип и Даниел Кубеш, се голманот Мартин Галија и централниот бек, Андреј Здрахала, но не треба да се занемарат ни левиот бек Павел Хорак, крилата Јакуб Хрстка и Томас Чип, како и пикерот Леош Петровски.
Репрезентативците од редовите на украинскиот првак Мотор и двајцата „фармацевти“, левиот бек Владислав Остроушко и пикерот Александар Шевелев, се столбовите на украинскиот национален тим предводен од селекторот Сергеј Бебешко, првиот противник на Македонија во групата.
Светските првенки елиминирани од СП
Актуелните светски првенки на Франција се елиминирани уште во групната фаза на 25-то Светско првенство (СП) во ракомет што се игра во Јапонија. Во директен дуел со Данска, француските ракометарки загубија со 18-20 и првпат нема да играат во главната рунда.
Покрај Данска, место во следната фаза обезбедија Романија и Србија, кои забележаа тесни победи над Унгарија (28-27) и Словенија (29-27). Претходно во следната рунда натпревари на СП се пласираа Норвешка и Холандија од групата А, Јужна Кореја и Германија, група Б, Шпанија и Црна Гора, група Ц и Русија, Шведска и Јапонија, групата Д. Јужна Кореја е единствената неевропска селекција што се најде во главната фаза од СП. Та.Д.