Македонија од денеска ќе игра дома на квалификациски турнир за пласман во баражот за СП 2019 за жени, со Азербејџан, Исланд и со Турција
Македонската женска ракометна репрезентација веќе неколку дена интензивно се подготвува за квалификациите за пласман во јунскиот бараж за учество на Светското првенство во Јапонија во 2019 година. Македонија од денеска е домаќин на групата 4 во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што за противници ќе ги има селекциите на Турција, Исланд и на Азербејџан.
– Противниците воопшто не се наивни. Ги следевме резултатите на Исланд, кој минатата недела одигра одличен тест-меч со Норвешка во кој загуби со шест разлика. Турција е солидна селекција, но во моментов имаат некои проблеми со повредени играчи. За Азербејџан немаме доволно информации, но сигурни сме дека сите ќе дојдат да се надигруваат – рече селекторот Симе Симовски.
Турција, Исланд и Азербејџан во повеќе наврати ѝ беа противници на Македонија, во претквалификациите за мундијалите во 2003, 2005, 2011, 2015 и во 2017 година. Турција и Азербејџан досега немаат учествувано на СП, а Исланд има еден настап, во 2011 година, на кој го освои 12-то место меѓу 24 репрезентации. Од минатогодишните квалификации за баражот, најсвеж е дуелот со Исланд, кој Македонија го доби со 27-20, а во квалификациите за СП 2015 Исланд двапати беше подобар од Македонија (28-22 и 33-23).
Турција, пак, е репрезентација во подем која на Медитеранските игри летово во Шпанија покажа дека има талентирани ракометарки, но загуби од Македонија со 26-31. Македонија и Турција беа дел од квалификациите за пласман на СП 2003 и 2005 во кои Македонија забележа две победи (37-29 и 37-31) и еден пораз (38-36). Со Азербејџан, македонските репрезентативки одиграа три меча, победа и пораз во квалификациите за СП 2003, (31-23, 31-32), и уште една победа за Македонија во квалификациите за СП 2011 (26-20).
Од првичниот состав поради повреди сега ги нема пикерката Сања Дабевска, левиот бек Теодора Керамитчиева и десното крило Марија Гајиќ.
– Работевме со засилено темпо, фитнес и тактички тренинзи. Се држиме сплотени, тимски и така и ќе го дочекаме предизвикот во кој се надевам дека ќе ја оправдаме довербата. Имаме игра што ја развиваме веќе некое време и ќе настојувам да продолжиме со тој ритам – рече Симовски.
Македонија ќе ги почне квалификациите со мечот со Азербејџан, денеска од 18 часот, во истиот термин утре ќе игра со Исланд, а в недела од 20 часот е дуелот со Турција. Пласман во баражот обезбедува само првопласираната селекција од сите четири групи, како и најдобрата второпласирана.