Во второто коло во доминантна игра Македонија ја совлада Србија со 28-21 и има одлични шанси да игра во полуфиналето, а со тоа да се бори за медал на Медитеранските игри во Тарагона

Зоран Михајлов
специјално од Тарагона за „Нова Македонија“


За разлика од машката селекција, женската репрезентација на Македонија ни приреди уште едно задоволство на Медитеранските игри во Тарагона (Шпанија). Вчера, во доминантна игра, во која уште од почетните минути ја најавија својата желба за нов успех, нашите девојки ја прегазија Србија, совладувајќи ја со 28-21 (16-13). Тоа беше натпревар полн со динамика, во кој во секој момент како да бликаше желбата да се победи фаворизираниот противник. Се доби впечаток дека кој и да им беше противник на Македонките, во една ваква игра ќе беше совладан. Навистина одиграа фантастично и сега во мечот со Црна Гора ќе решаваат за првата позиција во групата.
Нашата репрезентација против Србија повторно ги имаше расположените Е. Ѓорѓиевска, Ристовска, Саздова, Гакидова… Со еден збор, сите што влегоа во игра ги исполнија задачите и сега може мирно да ги очекуваат следните средби. Да веруваме дека ракометарките и понатаму ќе бидат на ниво и нема да разочараат. Со двете победи Македонија е пред пласман во полуфиналето.

Комбинираната машка македонска репрезентација, во која настапуваат и неколку играчи што го носеле дресот на сениорскиот тим и на големите приредби, по поразот од Турција (26-29), во неделата загуби од Египет со 29-34. Синоќа се играше мечот од третото коло со Србија, но Македонија е без шанси за пласман во четврт-финалето.
Вчера на МИ почнаа и натпреварите во борење, во двата стила, од кои за нас поинтересен е слободниот стил, во кој имаме четворица претставници. Почетокот на борбите не беше оптимистички, зашто уште во почетните борби Камбери и Митров доживеаја порази. Но само за половина час расположението во нашиот табор се смени, откако натурализираниот Македонец Магомед Нуров во категоријата од 97 кг забележа победа со 9-0 против Шпанецот Родригез. Нуров одлично ја водеше борбата, брзо се движеше на душекот и не му дозволи на противникот да освои ниту еден поен. Нуров прикажа и една атрактивна борба, во која од миг во миг освојуваше поени за добро изведените зафати. Со овој настап тој ги потврди своите високи квалитети и покажа дека тргнува кон медал. Натпреварите продолжија синоќа, Нуров сигурно влегува во борба за медал, а Митров ќе чека шанса евентуално да настапи во репасажот, доколку Мустафа, од кого загуби во почетокот, стигне до финалето.