Металург беше убедлив на свој терен

РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГА, МАЖИ

Ракометарите на Металург, Пролет, Бутел и на Охрид ја продолжија својата доминација и во мечевите од 16. коло од машката Суперлига. Избраниците на Зоран Кастратовиќ и овој пат ја потврдија својата фаворитска улога одигрувајќи супериорно со Пелистер, славејќи со 35-18. Равез Чантурија со шест гола беше најефикасен во тимот од Автокоманда, а по четири пати на листата на стрелци се запишаа Томислав Јагуриновски, Милан Лазаревски и Милан Поповиќ.

 

Доминантен беше и тимот на Пролет во дуелот со тимот на Вардар јуниор. Иван Џонов со 10 и Мартин Поповски со седум гола беа најефикасни во победничкиот тим. По поразот од Бутел во претходното коло, победничко издание имаше тимот на Охрид, кој во езерското дерби победи на дуелот со Струга, со 31-24. Лидер во победата на охриѓани беше десното крило Бобан Блажевски, кој постигна девет гола.

Победа забележа и третопласираниот Бутел на гостувањето кај Металург 2, над кој славеше со 28-17. Мартин Димов и Димитар Георгиевски со по седум гола беа најефикасни во победата на Бутел. 


РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГА, ЖЕНИ  – Три двоцифрени победи

Ракометарките на Металург на натпреварите во 14. коло од женската Суперлига, забележуваа висока победа над екипата на Алушовски, со 63-17. Освен голманките, сите 13 ракометарки од составот на Металург се запишаа на листата на стрелци, на која најефикасна со 11 гола беше левото крило Марија Тасевска.
Двоцифрени победи забележаа и ракометарките на Вардар и на Куманово во дуелите со Деспина (34-15), односно со Стружанка (32-14). Во преостанатите мечеви бодови прокнижија екипите на Спартак и Кузман Вардар по победите над Овче Поле (27-21), односно над Ѓорче Петров (24-21). Екипите на Пелистер и Чаир играа вчера, а слободна беше екипата на Гевгелија.