Повлекување од терените, меѓу другите, најавија Штербик, Томас, Сулиќ, Булатовиќ…

РАКОМЕТ

Поради пандемијата на коронавирусот, ракометната сезона 2019/2020 ќе остане запаметена како сезона со предзнаците недоиграна, одложена, прекината, паузирана…, но тоа е и сезона кога ракометниот свет ќе остане посиромашен за неколку истакнати имиња, кои уште пред појавата на коронавирусот најавија дека ја играат последната сезона во своите кариери.

Најзвучно име на листата идни „пензионери“ е голманот на Веспрем, Арпад Штербик (40), кој пред две сезони беше дел од македонскиот првак Вардар, а во својата кариера бранеше и за Сиудад Реал, Барселона… Желба на Штербик беше да се пензионира на фајналфорот во Келн.

Здравствени проблеми се причината поради која крај на својата ракометна кариера става и капитенот на Барселона, десното крило Виктор Томас (35). Ракометна пензија најави и плејмејкерот и капитен на шпанската репрезентација Раул Ентрериос (39), но одложувањето на Летните олимписки игри за 2021 година и желбата за олимписко злато би можеле да ја одложат неговата пензија за идната година. Според најавите, сезонава е последна и за еден од најдобрите хрватски репрезентативци, пикерот Ренато Сулиќ (40), а во пензија заминува и легендарниот унгарски голман Нандор Фазекаш (44).

Кај девојките, збогум на ракометот му кажуваат некогашната вардарка Андреа Пенезиќ (34) и црногорската ѕвезда Катарина Булатовиќ (35).