По повеќечасовно изнесување примери и факти поврзани со ракометот како спорт и ракометарите како главни во таа игра, дојдовме до заклучок дека со денешните генерации ракометари повеќе се работи на телесен тренинг, на сметка на менталниот тренинг. Затоа, менталниот тренинг треба да стане еден од приоритетите на тренерите при подготовката на своите екипи, специјално за „Нова Македонија“ изјави Лино Червар, поранешниот тренер на Металург и селектор на Македонија, а сега актуелен селектор на Хрватска, кој беше дел од виртуелната конференција на ИХФ
Светска онлајн конференција на ИХФ за унапредување на ракометниот спорт
Промената на начинот на тренирање, предлог-правилата за подобрување на квалитетот на ракометната игра, со кои би се свеле на минимум субјективните одлуки на судиите, беа темите на кои најмногу се дискутираше за време на онлајн конференцијата што ја организира Светската ракометна федерација (ИХФ), вели поранешниот тренер на Металург и селектор на Македонија, а сега актуелен селектор на Хрватска, Лино Червар, кој беше дел од виртуелната конференција на ИХФ.
За да се поддржи и продолжи растот на ракометот, Светската ракометна федерација одржа виртуелна конференција со повеќе од 15 врвни европски тренери и судии, во врска со развојот на ракометот, претстојните тестови на нови правила, како и предлози за модификации и подобро толкување на правилата.
– По повеќечасовно изнесување примери и факти поврзани со ракометот како спорт и ракометарите како главни во таа игра, дојдовме до заклучок дека со денешните генерации ракометари повеќе се работи на телесен тренинг, за сила, издржливост…, на сметка на менталниот тренинг, за што подобра и побрза перцепција, секавична одлучност и согледување на повеќе од едно решение за дадена ситуација на теренот. Затоа, менталниот тренинг треба да стане еден од приоритетите на тренерите при подготовката на своите екипи. Со запоставување на менталниот тренинг се ограничува мисловната способност на ракометарите, а негативниот ефект на тој пропуст е отсуството на креативност во нападот, влегувањето во пасивна игра, како и правењето неизнудени технички грешки во момент на немоќ – вели Червар, кој додаде дека ракометар со добар ментален тренинг во дел од секундата може да согледа најмалку две решенија на ситуација на теренот, да го избере подоброто од нив и да го реализира.
Како дел од предлозите за подобрување на ракометната игра биле и тие за ограничување на нападот, воведување на системот видеопомошник-судија (ВАР) и т.н. тренерски челинџ (барање за прегледување снимка од одредена ситуација).
– Заеднички став на повеќето тренери беше дека во 21 век, во време на современа дигитализација што нуди безброј можности, не смее да се дозволи екипите да трпат од субјективноста на одлуките на судиите, конкретно за пасивен напад, пробивање и прекршоци на линијата од шест метри – рече Червар.
Тој посочи дека некои од тренерите предложиле воведување на ограничување на нападот, а воведувањето ВАР и тренерски челинџ, со кои би се решавале спорни ситуации во клучни моменти од натпреварите, било желба на сите тренери.
– Со ограничување на нападот, сметам дека во голема мера би се намалило влијанието на судиите во делот за пасивна игра, бидејќи тогаш секој тренер ќе мора да ја подготви екипата за дадено време да го заврши нападот. Исто така, со воведување на системот ВАР и тренерскиот челинџ би се решавале спорни ситуации на линијата од шест метри, како пробивање, седмерец, престап, чекори и сл. – рече Червар.
Дел од виртуелната конференција на ИХФ беа и селекторите Алфред Гисласон (селектор на Германија), Валеро Ривера (Катар), Кристијан Берге (Норвешка), Торир Хергеирсон (Норвешка, жени), Роберто Гарсија Парондо (Египет), Гијом Жил (Франција), Жорди Рибера (Шпанија), Николај Јакобсен (Данска), Тиери Анти (претседател на Европската асоцијација на тренери), Хорхе Дуењас,(Бразил, жени) и Матс Олсон (Шведска). Претставници на судиите беа Жули Бобавентура (Франција), Анхел Сабросо, (Шпанија), Борис Милошевиќ (Хрватска), Мирза Куртагиќ (Шведска) и Роберт Шулце (Германија).