ЕП в година ќе се игра во Македонија, Црна Гора и во Словенија, а на првенството, последно на кое ќе настапат 16 репрезентации, ќе се пласираат двете најдобри селекции од секоја од шесте квалификациски групи

ИЗВЛЕЧЕНИ КВАЛИФИКАЦИСКИТЕ ГРУПИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2022

Женскиот ракомет во Македонија има долга традиција, а Скопје е подготвено за уште еден ракометен спектакл. Европското првенство (ЕП) во 2022 година ќе ни ги врати спомените од минатите успеси, но ќе го искористиме и за да направиме нови незаборавни моменти за македонскиот ракомет. Едвај чекаме да ги пречекаме навивачите за мечевите од групната фаза и главната рунда, кои ќе уживаат во незаборавно искуство во земјата каде што ракометот е спорт број еден, порача претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, пред вчерашната ждрепка за формирање на квалификациските групи за пласман на ЕП 2022, кое ќе се игра во Македонија, Словенија и во Црна Гора.
Бранителот на титулата, Норвешка, и трите селекции на домаќините, Македонија, Словенија и Црна Гора, имаат директен пласман на ЕП 2022. За преостанатите 12 места ќе играат вкупно 32 репрезентации. Од нив, 11 селекции ќе играат во претквалификациите поделени во три групи. Во групата А се Португалија, Косово, Луксембург и Кипар, во групата Б се Грција, Италија, БиХ и Литванија, а во групата Ц се Фарските Острови, Израел и Финска. Пласман во квалификациите ќе обезбедат првопласираните селекции од секоја од трите групи. Претквалификациските турнири треба да се играат од 31 мај до 6 јуни годинава.

Според ждрепката, во групата 1 ќе играат Русија, Литванија, Швајцарија и Полска, во групата 2 се репрезентациите на Данска, Австрија, Романија и победникот од претквалификациската група 3, во групата 3 се актуелниот светски првак Холандија, Германија, Белорусија и победникот на претквалификацискиот турнир 2, дел од групата 4 се европскиот вицепрвак Франција, Украина, Чешка и Хрватска, во групата 5 се светскиот вицепрвак Шпанија, Словачка, Унгарија и победникот на претквалификацискиот турнир 1, а во групата 6 ќе играат селекциите на Шведска, Турција, Исланд и на Србија.
Пласман на 15-то ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции во секоја од шесте групи. На ЕП 2024 ќе играат 24 селекции. Првите две квалификациски кола се предвидени во октомври годинава, а преостанатите натпревари се во март и во април в година. ЕП 2022 првпат целосно ќе се игра во ноември, од 4 до 20 ноември, во Скопје, Љубљана, Целје и Подгорица. Македонија беше домаќин на ЕП 2008.