Во меѓусебните дуели, Барселона славела во 12, Вардар во два, а еден меч завршил без победник. Вардар против Веспрем одиграл осум средби, еднаш победил, еднаш ремизирал, а шест пати загубил. Против Киелце, пак, скопјани играле осум пати во ЛШ, а оствариле три победи и пет порази

Наши известувачки од Келн:
Јасминка Павловска
Сузана Митревска

Ракометарите на македонскиот првак Вардар се пред нов предизвик во Лигата на шампионите (ЛШ). Денеска и утре во „Ланксас арената“ во Келн, тие третпат во низа се дел од фајналфор-турнирот, каде што во 2017 г. и се закитија со шампионската титула. Избраниците на тренерот Роберто Парондо во денешното второ полуфинале (18 ч.) ќе играат против најтрофејниот клуб во ЛШ, шпанска Барселона (осум титули), додека во првото полуфинале ќе се сретнат полски Киелце и унгарски Веспрем (15.15 ч.), чии бои ги брани македонското лево крило Дејан Манасков. Манасков наедно е и вториот Македонец (по Кирил Лазаров со Барселона), кој ќе настапи на фајналфор со странски клуб. Победниците од полуфиналните дуели в недела (18 ч.) ќе играат за првото, а поразените за третото место (15.15 ч.).

Црвено-црните со задоцнување од неколку часа стигнаа во Келн. Причина беше откажувањето на летот до Келн, па, така, вардарци мораа со автобус од Диселдорф да го продолжат патот за Келн и речиси пред полноќ да се сместат во својот хотел, како последна четврта екипа, откако тоа прво го направи Барселона, потоа Веспрем, па Киелце. Но доцнењето не им го расипа доброто расположение на вардарци.
– Третпат во низа сме на фајналфорот во Келн, како составен дел од европската елита, што секако претставува голем успех. Сезонава беше тешка за нас, а многумина и не очекуваа да бидеме во завршницата во ЛШ, па дури и некои од нас играчите. Но ние дојдовме да се надигруваме и се надеваме на позитивен исход од нашиот настап во Келн – оптимист е Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар.

Во меѓусебниот скор, Шпанците се многу поуспешни од Вардар. Од вкупно 15 одиграни дуели во ЛШ, Барселона славела во 12, Вардар во два, а еден меч завршил без победник. Притоа Шпанците постигнале вкупно 461 гол (30,7 во просек), а примиле 375 гола (25). Вардар против Веспрем одиграл осум средби, еднаш победил, еднаш ремизирал, а шест пати загубил. Притоа дал 203 гола (25,3), примил 223 (27,8). И против Киелце скопјани играле осум пати во ЛШ, оствариле три победи и пет порази, односно дале 224 гола (28), а примиле 221 (27,6).

Елитното друштво ракометари со три титули со три клуба го сочинуваат Сергеј Рутенка (една со Целје, две со Барселона и три со Суидад Реал), Урош Зорман (по една со Целје и со Киелце и две со Суидад Реал), Никола Карабатиќ (по една со Монпелје, Кил и со Барселона) и Хавиер Омбрадос (по една со Сантандер, Портланд Сан Антонио и три со Суидад Реал). Доколку Вардар триумфира, Роберто Парондо ќе биде вториот, по Талант Душебаев, кому му успеало да стане европски шампион и како играч и како тренер.


Пет црвено-црни во олстар-тимот во ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ), уште пред почетокот на фајналфор-турнирот во Келн, го објави идеалниот тим на ЛШ во сезоната 2018/2019, избран од страна на навивачите. Доминира Вардар со пет ракометари.

голман: Дејан Милосављев (Вардар)
лево крило: Тимур Дибиров (Вардар)
лев бек: Микел Хансен (ПСЖ)
среден бек: Кентан Мае (Веспрем)
десен бек: Даинис Кристопанс (Вардар)
десно крило: Иван Чупиќ (Вардар)
пикер: Хулен Агинагалде (Киелце)
млад играч: Лудовик Фабрегас (Барселона)
дефанзивец: Блаж Благотиншек (Веспрем)
тренер: Роберто Парондо (Вардар)


Вардар со најмногу најефикасни играчи

Од екипите-учеснички во Келн, Вардар е најмногуброен по бројот на стрелците во топ 30-те во годинашната ЛШ. На неа има четворица вардарци, двајца од Барселона и по еден од Веспрем и од Киелце. Кај Вардар тоа се: Даинис Кристопанс, кој е втор (80 гола), Тимур Дибиров 14-ти (73 гола), Игор Карачиќ 17-ти (71) и Иван Чупиќ 19-ти (68). Алекс Душебаев од Киелце е втор (88), од Барселона се Алекс Абело, 24-ти (66) и Дика Мем на 27-то место (63), колку што има реализирано погодоци и Петар Ненадиќ од Веспрем.


прво полуфинале

ВEСПРЕМ – КИЕЛЦЕ
(денеска, 15.15 ч.)
второ полуфинале
БАРСЕЛОНА – ВАРДАР
(денеска, 18 ч.)
меч за трето место
(утре, 15.15 ч.)
меч за прво место
(утре, 18 ч.)