Полска и се реваншираше на македонската ракометна репрезентација до 19 години, откако ги победи со 35-33 во финалето на ЕХФ шампионатот во Скопје.
Тимот предводен од селекторот Кирил Лазаров ја победи Полска во групната фаза (30-25), но овој пат потклекна во второто полувреме, откако во првото беше израмнето (17-17). Македонските ракометари им дозволија Полјаците да се одвојат на разлика од пет гола (24-19), која потоа беше недостижна. Митев беше најефикасен на мечот со седум погодоци, додека Илиески, Петковски и Анастасијевиќ постигнаа по шест.
На ЕХФ шампионатот Македонија загуби од Грција (26-30), по што ги победи Полска (30-25) и Швајцарија (34-33 по изведување на пенали).
Македонската женска ракометна репрезентација до 17 години го освои ЕХФ шампионатот во Литванија, совладувајќи го Исланд со 27-26, со што се пласира на Европското првенство.
Исланѓанките почнаа подобро со 3-1 водство, но до крајот на првото полувреме Македонија ја врати предноста и водеше со 11-9, иако на одмор се отиде со 12-12. Исланд повторно поведе, по што беше неизвесно до самиот крај, кога во 51-та минута, Македонија имаше 21-19 предност, која се зголеми на 26-23 на две минути пред крајот.
Дукоска беше најефикасна со 11 гола, Ризоска додаде 7, а Коцева 5.