Нѐ очекува тежок меч против екипа на која најсилно оружје ѝ се брзата контра и транзицијата, вели Кастратовиќ, тренерот на Металург, кој в сабота гостува кај Горење во 3-то коло од Купот на ЕХФ
Со утрешното гостување кај Горење во Велење (од 20 ч.), во мечот од 3-то коло од Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), ракометарите на Металург ќе го почнат годинашниот настап на европска сцена.
– Сите активности во изминативе 30 дена ги подредивме за кревање на физичката форма и техничко-тактичката вкомпонираност на играчите за претстојните мечеви со екипата на Горење, така што сметам дека ракометарите и во двата сегмента напреднаа за по едно скалило погоре. Нѐ очекува тежок меч против екипа на која најсилно оружје ѝ се брзата контра и транзицијата преку крилните играчи, кои реализираат дури 50 отсто од головите на својата екипа, а имаат и солидна бековска линија во позицискиот напад. Ќе се потрудиме со една концентрирана и борбена игра да ги сведеме нашите грешки на минимум, да градиме сигурни напади до постигнат гол, за да не дозволиме наменување на нивното тркачко темпо на игра. Со исклучок на повредата на Дејан Пецаковски, кој се повреди на минатонеделниот меч, во екипата владее позитивна атмосфера која се надевам дека ќе ја искористиме на најдобар можен начин за да се вратиме со позитивен резултат од Словенија – вели Зоран Кастратовиќ, тренерот на Металург.
Во пресрет на мечот со Горење, металурзите ја засилија својата одбранбена линија со репрезентативниот дефанзивец Велко Маркоски, а во екипата по санација на повредата на ногата се врати и првиот голман Даниел Дупјачанец, кој заедно со Маркоски треба да внесе дополнителна сигурност во играта во одбраната. Реванш-мечот треба да се игра идната недела во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
Металург изминатите осум сезони беше дел од Лигата на шампионите (ЛШ) во која двапати стигна до четврт-финалето и уште еднаш до осминафиналето. Во Купот на ЕХФ металурзите својот последен настап го имаа во сезоната 2010/2011 кога стигнаа до осминафиналната фаза, а најдобар пласман во ова натпреварување е четврт-финалето во сезоната 2007/2008.
Металург и Горење досега се имаат сретнато шест пати, од тоа двапати во Лигата на шампионите и четири пати во Регионалната лига. Од шесте одиграни натпревари два завршиле со победа на Металург, а четири дуела со победа на Горење.
Викендов со третото коло од Купот на ЕХФ почнува и годинашната европска сезона за капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров, кој со својот тим Нант од Франција ќе го пречека норвешкиот состав Арендал. Германскиот Магдебург, во чии редови игра левиот бек Филип Кузмановски, ќе гостува кај полскиот состав Горник, а хрватскиот вицепрвак Нексе ќе ја пречека португалска Бенфика на репрезентативниот голман Борко Ристовски.
Победниците на 16-те меча (во оваа фаза, меѓу другите, играат и Адемар Леон, Фуксе Берлин, Левен, Силкеборг, Шамбери, Ла Риоха) ќе се пласираат во групната фаза на Купот на ЕХФ. Таму тимовите ќе бидат поделени во четири групи, од каде што по две најдобри ќе се пласираат во четврт-финалето.