Среќни сме што во едни вонредни услови, со релативно нов тим, успеавме да испорачаме борбена и цврста игра, со која ја остваривме нашата цел. Без разлика кого ќе добиеме во групната фаза, ќе се потрудиме да одиме меч по меч, без притисок и, ако ни се укаже шанса, да направиме уште еден чекор напред. Овие дуели ќе бидат одлична можност за подобрување на нашата игра, шанса за лична и за афирмација на Металург како бренд на европско ниво и генерално на македонскиот ракомет, рече капитенот Дупјачанец

РАКОМЕТ

Ракометарите на Металург ќе бидат дел од групите во Лигата на Европа (ЛЕ), откако во 2-то квалификациско коло беа подобриот противник во дуелот со швајцарски Кринс Луцерн. Избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ во првиот меч во Скопје славеа со 26-24, а во реваншот загубија со 22-21 и со вкупен резултат 47-46 обезбедија место меѓу 24-те екипи што ќе играат во ЛЕ.
– Среќни сме што во еден неизвесен и борбен меч, против квалитетен противник, ние сме тие што се радуваа по средбата. Прекрасно е чувството кога ќе ја оствариш поставената цел. Ме радува што и во двата меча одигравме одлично во одбраната, овој пат уште поцврсто и поборбено, а тоа придонесе да имаме одлична поддршка од Даниел Дупјачанец на голот – вели Кастратовиќ.
Цврстата и борбена одбрана одново е препознатлив знак на играта на Металург, кој со ангажманот на квалитетни и искусни ракометни имиња покажа подготвеност и амбиција одново да се врати на европските патеки.

– Среќни сме што во едни вонредни услови, со релативно нов тим, успеавме да испорачаме борбена и цврста игра, со која ја остваривме нашата цел, пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Свесни бевме за тежината и за важноста на мечот, но покажавме карактер во клучните моменти и го издржавме притисокот на резултатската разлика. Пријатно нѐ изненади многубројната поддршка од трибините на нашите иселеници во Швајцарија, кои направија одлична атмосфера, беа нашиот осми играч и направија да се чувствуваме како да играме на домашен терен – изјави капитенот Дупјачанец.
„Тешка, интензивна и конкурентна“, се зборовите со кои ЕХФ ја најави ЛЕ, пред денешната (11. ч.) полудиригирана ждрепка (клубови од иста земја нема да играат во иста група) со која ќе се формираат четири групи.

– Без разлика кого ќе добиеме за противник во групната фаза, ќе се потрудиме да одиме натпревар по натпревар, растоварено, без притисок и, ако ни се укаже шанса, да направиме уште еден чекор напред. Овие натпревари ќе бидат одлична можност за подобрување на нашата игра, шанса за лична и за афирмација на Металург како бренд на европско ниво и генерално на македонскиот ракомет – рече Дупјачанец. 


Тарабокија: Вистинско уживање ќе биде играњето во групната фаза

Вистинско уживање ќе биде играњето во групната фаза. Иако е второ по ранг натпреварување, зад ЛШ, изобилува со врвни тимови, кои во своите редови имаат одлични играчи и секој меч ќе биде предизвик и мотив за што подобра, поборбена и поквалитетна игра на европската сцена, вели организаторот на играта на Металург, Марко Тарабокија. 


БАРАБАНИ ЗА ДЕНЕШНАТА ЖДРЕПКА

Прв: Адемар, Ним, Магдебург, Татабања
Втор: Висла, Кадетен, Динамо, Алингсас
Трет: Еурофарм Пелистер, Татран, Бешикташ, Чеховски
Четврти: Тулуз, Монпелје, Фуксе Берлин, Левен
Петти: Фиверс, Нексе, ГОГ, Сопртинг
Шести: Металург, Тримо, Кристијанстад, ЦСКА М.