Ова ќе биде уште еден важен меч за стекнување искуство, во кој ќе се обидеме да му ги замрсиме сметките на противникот, кој е голем фаворит, вели тренерот на Металург, Брестовац
Искусниот и силен состав на данскиот вицепрвак Силкеборг е следниот противник на младиот состав на Металург во рамките на 4-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ). Металурзите утре (15.10 ч. – пренос на Арена спорт 4), во арената ЈИСК во Силкеборг, ќе се обидат да се надминат себеси и да одиграат добро во двете полувремиња, а ако им се укаже шанса, и да го изненадат противникот.
Тренерот на Металург, Данило Брестовац, е свесен за квалитетот и за искуството со кое располага нивниот следен противник, но, сепак, верува дека неговите играчи можат да одиграат добро и со тоа да ја надминат слабата игра што им се случува во вториот дел од натпреварите.
– Силкеборг е одлична екипа, составена од големи ракометни имиња, а дел од нив на залезот на својата кариера. Во Маркусен и браќата Нилсен имаат одлични шутери на бековските позиции, кои исто така одлично соработуваат со линијата од шест метри. За нас ова ќе биде уште еден важен меч за стекнување искуство, во кој ќе се обидеме да му ги замрсиме сметките на противникот, кој е голем фаворит во овој дуел – вели тренерот на Металург, Брестовац.
За тоа дека Силкеборг располага со квалитетен тим доволно говорат имињата на левиот бек Николај Маркусен (30), пикерите Јаспер Нодезбо (38), Михаел Кнудсен (40), потоа браќата Мадс (37) и Николај Нилсен (32), кои играат на централната и десната бековска позиција. Тука се и левото крило Стефан Худструп (32) и Словенците, голманот Алјоша Резар (35) и централниот бек Себастијан Скубе (32).
Најефикасен дански ракометар во изминатите три кола е десното крило Јохан Хансен со 21 гол, втор е Маркусен со 17, а трет е Кнудсен со 15 гола. Во досегашниот тек од ЛШ, Силкеборг забележа две победи, над Чеховски медведи (39-28) и над Спортинг (35-32) во гости, а беше поразен од Татран (24-26). Силкеборг бележи одлична серија и во данскиот шампионат, каде што има забележано пет победи, едно реми и еден пораз од Скјерн.
Ракометарите на Силкеборг го имаат најдобриот напад во групата Ц, со 98 постигнати гола, или во просек по 32,6 по меч.