Ќе се потрудиме да ја искористиме нашата „аутсајдерска“ улога и да го изненадиме ривалот, вели директорот на женската екипа на Металург, Филип Христов
Полскиот вицепрвак Заглебје од Љублин е ривалот на македонскиот ракометен женски првак Металург, во рамките на првото коло во Купот на ЕХФ.
Во денешниот меч (18 часот), девојките од „Автокоманда“ на гостински терен ќе ја имаат улогата на домаќин, бидејќи клубовите се договорија и двата меча да ги играат на теренот во Полска. Реваншот, пак, е утре во 17 часот.
– Свесни сме за квалитетот со кој располага противничката екипа, но тоа не значи дека ќе се предадеме без борба. Напротив, ќе се потрудиме да ја искористиме нашата „аутсајдерска“ улога и да го изненадиме противникот. Непредвиден проблем ни е отсуството на двата бека, Сара Стефановска и Марија Гугљанова, кои пред поаѓањето за Полска завршија в болница поради стомачен вирус и висока температура и не отпатуваа со екипата. Но, како и да е, ќе се потрудиме да ги консолидираме нашите редови и да прикажеме добра игра и на двете средби – вели директорот на женската екипа на Металург, Филип Христов.
Минатата сезона Заглебје стигна до второто коло во Купот на ЕХФ, каде што беше елиминиран од дански Хернинг. Во домашните натпреварувања Заглебје ги освои Купот на Полска и втората позиција во тамошниот шампионатот.