Татран е одлична екипа и знаеме дека нема да биде лесно ако сите не го дадат најдоброто од себе. Очекувам подобра, поборбена и поквалитетна игра отколку во претходниот меч, вели Брестовац пред дуелот денеска со словачкиот првак
Словачкиот првак Татран од Прешов ќе му биде денешниот противник на Металург (16.30 часот, пренос на МТВ) во меч од 16-то коло од Регионалната лига во ракомет. За разлика од Вардар, Загреб и од Нексе, кои веќе имаат обезбедено пласман на фајналфор-турнирот, Татран и Мешков се во трка за освојување на четвртата позиција на табелата, која носи место во завршницата.
Затоа, денешниот натпревар ќе биде одлична можност за младите избраници на тренерот Данило Брестовац да покажат карактер и борбеност и вторпат сезонава да му застанат на патот на словачкиот првак (Металург победи во Скопје со 30-28).
– Нѐ очекува уште еден тежок меч, во кој повторно ќе бидеме без нашиот најдобар бек Александер Шпенде. Ако ја издржиме ротацијата на левата бековска позиција можеме да се надеваме на добар резултат. Татран е одлична екипа и знаеме дека нема да биде лесно доколку сите ракометари на терен не го дадат најдоброто од себе. Очекувам подобра, поборбена и поквалитетна игра отколку во претходниот натпревар – изјави Брестовац.
За Металург и за Татран овој меч ќе биде четврта пресметка сезонава. Татран ги доби двата меча во Лигата на шампионите (29-24 и 30-24), а Металург славеше во првиот меч од Регионалната лига (30-28).
Победа во денешниот меч му е повеќе од потребна на словачкиот првак за да ги зачува шансите за пласман на завршниот турнир, а за металурзите победата ќе биде добар мотив и искуство повеќе за тоа што ќе следува во домашното првенство.
Десниот бек Бруно Буторац (76 гола) и централниот бек Јануш Лапајне (61 гол) се најефикасните поединци кај словачкиот првак, а во редовите на Металург најефикасни се десното крило Анте Токиќ (57) и десниот бек Мартин Серафимов (45).
Татран и Мешков во пресрет на последните две кола имаат по 30 бода и се на делба на четвртата позиција на табелата. Во случај на еднаков број бодови по завршувањето на регуларниот дел од првенството, пласман на завршницата ќе обезбеди Мешков, поради подобриот меѓусебен скор сезонава (двата тима славеа на гости, Татран со 32-28, а Мешков со 35-21).