За перфектна завршница и обезбедување на првата позиција во групата која носи поволна позиција во ждрепката за ЕП, недостига уште победа во последниот дуел од групната фаза против Грција, во недела (18 ч), во салата „Парк“ во Струмица
Со победата над Турција од 26-25 (11-13) во 5-то квалификациско коло, македонската машка ракометна репрезентација и теориски го завери пласманот на 14. Европско првенство (ЕП) 2020 година, што ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. За перфектна завршница и обезбедување на првата позиција во групата која носи поволна позиција во ждрепката за ЕП, недостига уште победа во последниот дуел од групната фаза против селекцијата на Грција, во недела (18 ч., пренос на ТВ-Телма), во салата „Парк“ во Струмица.
Водени од амбицијата да го обезбедат првото учество на ЕП, турските ракометари на свој терен, во градот Ескишехир, се покажаа како тврд орев за избраниците на македонскиот селектор Данило Брестовац, кои, пак, потешко од очекуваното стигнаа до планираната победа и бодови, кои им го донесоа првото место во квалификациската група 3.
Македонските ракометари одлично го почнаа натпреварот, создадоа солидна предност од 3-4 гола, но потоа настапи пад во нивната игра, која во второто полувреме резултираше и со предност од четири гола за домаќините. Меѓутоа, искуството, но и среќата беа на страната на македонската селекција, која успеа да ја анулира негативата и на крајот да го претвори резултатот во своја корист. Херој на натпреварот беше голманот Никола Митревски, кој го одбрани последниот удар на Турците од девет метри и со тоа ја сочува минималната победа.
Капитенот Кирил Лазаров со седум гола беше најефикасен во македонскиот состав (моментно е втор на листата на стрелците во овие квалификации со 37 гола, н.з.), а одлична поддршка имаше од бекот Филип Талески, кој реализираше пет погодоци. Најопасен во турскиот состав беше младиот лев бек Дорук Пеливан (21), кој постигна 10 гола и беше нерешлива енигма за гостинската одбрана.
Во преостанатите мечеви од 5-то квалификациско коло, изненадувања приредија репрезентациите на Грција, Косово и Летонија. Летонците предводени од вардарецот Даинис Кристопанс (13 гола), минимално славеа над Словенија (26-25), со што си го заверија пласманот на ЕП. Селекцијата на Грција, пак, малку недостигаше да оствари победа во дуелот со фаворизираниот Исланд, кој едвај успеа да спаси бод (28-28) на гостувањето во Кожани. Изненадување беше и одличната игра на Косово во дуелот со Полска, која исто како и Исланд спаси бод во последните секунди од мечот (23-23).
Со оваа победа Македонија го задржа континуитетот на учества на ЕП, каде што во друштво на најсилните европски селекции ќе го има својот вкупно шести настап, а петти во низа.
Покрај Македонија, пласман на ЕП по 5-то коло обезбедија уште и селекциите на Германија, Хрватска, Словенија Летонија, Чешка, Унгарија и Данска.