Во октомврискиот дел од подготовките за настап на ЕП 2020 Македонија ќе игра пријателски мечеви со Турција, Италија и двапати со Грузија
На македонската машка ракометна репрезентација ѝ претстои богат подготвителен период во пресрет на Европското првенство, кое во јануари в година ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.
За време на претстојната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ), од 21 до 27 октомври македонската машка ракометна репрезентација ќе одигра четири контролни натпревари, со селекциите на Турција, Италија и на Грузија.
За декемврискиот подготвителен циклус, пак, македонскиот национален тим ќе биде дел од традиционалниот ракометен турнир „Трофеј Карпати“ во Романија, нѐ информира селекторот Данило Брестовац. Во минатото Македонија пет пати играла на овој турнир.
За избраниците на селекторот Брестовац мечевите со Турција и со Италија се на 22 и на 23 октомври, во Турција, а двата меча со Грузија се на 26 и на 27 октомври во Скопје. Тоа ќе биде прва фаза од подготовките за настап на ЕП 2020, на кое првпат ќе учествуваат 24 селекции и кое ќе биде прво што ќе се игра во три држави.
На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б во Виена, каде што за првите две места што носат пласман во следната фаза ќе се сретне со Чешка, Австрија и со Украина.