Покрај голманот на Данска, за 2019 година ИХФ ги награди и норвешката репрезентативка Стине Браде Офтедал и тренерите, Данецот Николај Јакобсен и Французинот Емануел Мајонаде
ИЗБОР НА ИХФ
Данскиот репрезентативен голман и чувар на мрежата на германскиот шампион Кил, Никлас Ландин, и организаторката на играта на унгарскиот првак Ѓер и норвешка репрезентативка, Стине Браде Офтедал, се најдобрите светски ракометари за 2019 година, во изборот на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), во кој учествуваат и 18 ракометни експерти и љубителите на тој спорт.
И за двајцата ова е прво признание од ИХФ за најдобар на светот во една година. По Микел Хансен, Ландин е вториот Данец што стигнал до престижното признание, а Офтедал е шестата Норвежанка добитничка на наградата на ИХФ за најдобра во светот.
Ландин стигна до признанието за најдобар светски ракометар како главен столб на одбраната на данската репрезентација на Светското првенство во 2019 година, на кое Данците првпат се искачија на победничкиот престол (претходно имаа и европска титула од 2012 година и олимписко злато од 2016 година).
Освен што имаше најмногу одбрани на првенството (84), Ландин имаше и највисок процент на одбранети удари (38 отсто). Во 2019 година Ландин со Кил ги освои Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и Купот на Германија.
ИХФ го доделува признанието од 1988 година и Ландин е петтиот голман што е избран за најдобар ракометар на светот, по Хенинг Фриц (Германија) во 2004 година, Арпад Штербик (СЦГ) во 2005 година, во 2008 година за најдобар беше избран Тиери Омејер (Франција), а една година подоцна победи Славомир Шмал (Полска).
Офтедал, пак, беше лидерка на унгарскиот шампион Ѓер во одбраната на титулата во Лигата на шампионите и дел од т.н. олстар-тим на сезоната. Таа со 47 асистенции и 51 погодок ја предводеше Норвешка до четвртото место на Мундијалот во 2019 година. И Ландин и Офтедал се капитени на своите национални тимови и оправдано ја имаат улогата и на лидери.
Ривали на Ландин и на Офтедал во трката за престижното признание им беа Данците Микел Хансен (ПСЖ) и Расмус Лауге Шмид (Фленсбург/Веспрем), потоа Норвежанецот Сандер Сагосен (ПСЖ), како и Хрватот Лука Циндриќ (Киелце/Барселона) во машка конкуренција, а кај девојките десниот бек на Ростов Дон и на руската репрезентација Ана Вјахирева и холандските репрезентативки, голманката на Одензе, Тес Вестер, левиот бек на Ростов Дон, Луис Абинг, и левиот бек на Есбјерг, Еставана Полмен.
Наградата на ИХФ за најдобри светски тренери за 2019 година замина во рацете на Данецот Николај Јакобсен за машки тимови и кај Французинот Емануел Мајонаде за женски екипи.
Како предводник на данскиот национален тим Јакобсен на Данска ѝ ја донесе првата светска титула, а исто така клучна улога имаше и на клупата на германскиот Левен, чиј предводник беше заклучно со сезоната 2018/2019.
Мајонаде, пак, е најзаслужен за првата светска титула на Холандија на Светското првенство што се играше во Јапонија во 2019 година, а како предводник на францускиот тим Мец стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите.
Изборот на најдобрите светски ракометари и тренери беше дел од Светската ракометна недела и роденденската прослава на ИХФ.
НАЈМНОГУ ПОБЕДИ
Кристина Неагу 4
Микел Хансен 3
Никола Карабатиќ 3