РАКОМЕТ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го прогласи македонскиот капитен Кирил Лазаров за најкорисен играч (МВП) на првите две кола во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година и како најдобар десен бек во идеалниот тим. Лазаров беше лидер на македонската репрезентација во двете победи, против Финска во Скопје и против Швајцарија на гости, на кои постигна 17 гола, и ја има првата позиција на листата стрелците.
– Годините не влијаат на кралот Кирил Лазаров. Тој е МВП во првите две квалификациски кола за пласман на ЕП 2022 – пишува во објавата на ЕХФ.
Во идеалниот тим се и голманот на Унгарија, Роланд Миклер, левото крило на Исланд, Хакон Стримисон (осум гола), левиот бек на Финска, Макс Гарнлунд (17), централниот бек на Швајцарија Енди Шмид (16), десното крило на Русија, Алексеј Фокин (осум), и пикерот на Црна Гора, Немања Грбовиќ (12).