Ракометарите на Вардар акумулираа највисока предност од девет гола во првиот осминафинален дуел во Лигата на шампиони (ЛШ) против хрватскиот Загреб и се најблиску до пласман во четврт-финалето. Веспрем, Сегед и Фленсбург, потешко од очекуваното, ја оправдаа фаворитската улога со победите на гости против Спортинг (30-28), Висла (22-20), односно Мешков (30-28). Мотор и Киелце одиграа нерешено (33-33), додека Левен кај Нант ќе оди со предност од два гола.
Пикерот на Левен, Јаник Колбахар, го одигра својот најефикасен меч во ЛШ, постигнувајќи 11 гола и, со право, по петти пат се најде во изборот на ЕХФ во идеалната постава на осминафиналето. Место во идеалниот тим добија уште десниот бек на Киелце, Алекс Душебаев (четврти пат сезонава), и централниот бек Лука Циндриќ (вторпат), кои во дуелот со Запорожје беа најефикасни во полскиот првак со по осум гола. Третпат сезонава место во идеалниот тим имаше и за левото крило на Левен, Гудјон Валур Сигурдсон, а вторпат голманот на Вардар, Дејан Милосављев.
Расмус Лауге од Левен и Артем Казакович од Запорожје ги комплетираа левата бековска и десната крилна позиција.