Во 3-то коло Металург во ноември прво гостува, а потоа во реваншот игра во Скопје, во дуелите со стариот познаник од Лигата на шампионите, Горење (Словенија), за пласман меѓу 16-те најдобри во Купот на ЕХФ
Словенечкиот вицепрвак Горење од Велење е противникот на Металург во третото елиминациско коло од Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од каде што победникот ќе се пласира во групната фаза од натпреварувањето. Словенечкиот тим изминативе 18 сезони е редовен учесник во натпреварувањата на европска сцена, во Купот на ЕХФ или во Лигата на шампионите (ЛШ).
Најголем успех на Горење се четирите пласмани во осминафиналето на ЛШ во сезоните во 2006, 2010, 2013 и во 2014 година, а во Купот на ЕХФ играл во финалето пред десет години, кога и двата меча ги загуби од Гумерсбах. Во сезоната 2015/2016 Горење беше учесник на фајналфор-турнирот во Купот на ЕХФ, каде што заврши на четвртата позиција.
По вчерашната ждрепка и добивањето на противникот, новиот тренер на Металург Зоран Кастратовиќ изнесе оптимизам во поглед на можностите и квалитетите на својот тим во споредба со противникот.
– Горење е млада екипа, за почит. Во изминативе две години значително ги подмладија своите редови, но и тие млади играчи располагаат со одлична техника, препознатлива за словенечкиот ракомет. Нема да ги потцениме, ниту да ги прецениме како екипа. Според играта што ја прикажаа сезонава во словенечката лига и двата меча со Металопластика, во кои доминираа над српскиот состав во секој сегмент од играта, сметам дека Металург има квалитет, капацитет и реални шанси за пласман во групна фаза од Купот на ЕХФ – вели Кастратовиќ.
Во 2-то коло Горење славеше победи во двата меча со Металопластика, 32-24 на гости и 32-29 дома. Во тимот имаат четворица интернационалци од кои најистакнат е десното крило Дино Матановиќ, кој заедно со левото крило Словенецот Матиц Вердинек против Металопластика постигна 35 гола. Тука е и српскиот пивот Владимир Бојаниќ (205 см/115 кг), кој покрај играта во напад, главната задача му е централниот дел на одбраната.
Металург и Горење неколкупати досега се сретнаа на терените во рамките на ЛШ и на Регионалната лига. Во сезоната 2012/2013 беа дел од групата Ц во ЛШ во која металурзите славеа на домашен терен со 30-23, а домашна победа забележа и Горење со 23-19. Во Регионалната лига одиграа четири меѓусебни натпревари, од кои три завршиле со победа на Словенците, а еден со победа на Металург.
Првиот дуел од 3-то коло од Купот на ЕХФ се игра во „Рдеча дворана“ во Велење на 16 или на 17 ноември, а пак реваншот е една седмица подоцна во Скопје.
Нант на Кирил Лазаров за противник го доби Арендал од Норвешка, Магдебург на Филип Кузмановски ќе игра со Горњик од Полска, Алпла хард на Ристо Арнаудовски ќе се сретне со Куенка од Шпанија, а други поинтересни двојки од третото коло се и Нексе – Бенфика, Балатон – Адемар, Шамбери – Екс Прованс итн.
„Предизвик и чест е да се работи со големо европско име како Металург“
Гледам простор за напредок и со еден заеднички максимален пристап да го вратиме
нивото што го имаше во минатото, вели новиот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ
Голем предизвик и голема чест е да се работи со големо европско ракометно име како што е Металург, ни изјави новиот тренер на актуелниот победник на Купот на Македонија, Металург, Зоран Кастратовиќ.
Тој кој доаѓа по заминувањето на српскиот тренер Дамир Стојановиќ. Кастратовиќ е поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија, тренер на Кометал Ѓорче Петров и на машката екипа на Вардар, а од 2011 до 2014 беше селектор на машката репрезентација на Црна Гора, со која обезбеди учество на Светското првенство во 2013 година и на Европското првенство во 2014-та.
Во меѓувреме беше тренер и на црногорскиот тим Сутјеска и на катарски Ал Џаиш. Негов претходен ангажман беше селекторската функција во репрезентацијата на Иран.
Кастратовиќ е тренер што добро ги познава ракометарите, амбициите на клубот и состојбите во македонскиот ракомет.
– Моментно Металург има интересна комбинација на млади и искусни играчи кај кои гледам простор за напредок и со еден заеднички максимален пристап да го вратиме нивото што го имаше во минатото. Сезонава ги следев речиси сите натпревари на Металург, некои директно, а остатокот преку стрим, така што и играчите горе-долу ги познавам. Сметам дека Металург има екипа и капацитет за да го крене нивото на игра – вели Кастратовиќ. Та.Д.