Тренираме двапати дневно, а тренинзите опфаќаат и физичка и техничко-тактичка подготвеност на тимот. Мора да се навикнеме на максимален ритам, бидејќи ни следува силно темпо на игра, со седум меча во девет дена, рече селекторот Брестовац, пред настапот на ЕП, дивизија Б
Македонската машка кадетска репрезентација ги одработува последните тренинзи од подготовките во Маврово, каде што се подготвува за настап на претстојниот шампионат на Европската ракометна федерација (ЕХФ), дивизија Б, кој од 10 до 19 август треба да се игра во Тбилиси, Грузија. Селекторот Данило Брестовац на располагање има 21 ракометар, меѓу кои и десниот бек Мартин Серафимов, голманот Марко Кизиќ и десното крило Ненад Костески, кои беа дел од јуниорската селекција што минатиот викенд го освои првото место во дивизија Б и обезбеди директно учество на Македонија на следното јуниорско Европско првенство (ЕП) во 2020 година.
– Задоволен сум од дисциплината и максималната посветеност со која работат ракометарите. Тренираме двапати дневно, а тренинзите опфаќаат и физичка и техничко-тактичка подготвеност на тимот. Мора да се навикнеме на максимален ритам, бидејќи ни следува силно темпо на игра, со седум натпревари во девет дена – рече Брестовац.
Македонија ќе биде во група А, заедно со Швајцарија, Фарски Острови, Естонија, Литванија и со Луксембург. Фарски Острови и Литванија во Грузија патуваат со комплетно нови состави. Ниту еден од кадетите на Ф. Острови или од Литванија не беше ниту на пошироките списоци на селекторите Марк Марчер Лаусен и Рајмондас Малџиус во Скопје. Естонија, пак, во своите редови повторно ќе ги има Алфред Тимо, кој беше главен организатор на играта на Естонија на шампионатот во Скопје, и левото крило Матијас Ребан. И Швајцарија во Грузија ќе настапи со комплетно нов тим, а иако на поширокиот јуниорски состав имаше пет кадети, никој од нив не настапи во Скопје. Луксембург, кој му е добро познат на селекторот Брестовац, ќе биде предводен од искусните бекови Димитри Митреа и Адел Растодер.
Во групата Б ќе играат Белорусија, Италија, Финска, Грузија и Грција. Најдобрите две селекции од двете групи ќе се вкрстат во полуфиналните мечеви, а победникот во финалето ќе обезбеди пласман на следното кадетско ЕП во 2020 година.