Во среда ќе се одигра дерби-дуелот помеѓу македонските претставници Металург и Вардар

Металург повторно ќе ја има најмладата екипа во ова регионално натпреварување со просек од 20,6 години, а бранител на титулата е Вардар

Со утрешните дуели помеѓу романска Стеауа и словачкиот шампион Татран (17.15 ч.) и српското дерби помеѓу Железничар и Војводина (19 ч.), ќе почне осмата сезона во Регионалната лига (РЛ). Во среда ќе се одигра дерби-дуелот помеѓу македонските претставници Металург и Вардар (20.45 ч., пренос на МТВ) и хрватските ривали Загреб и Нексе. Противник, пак, на босанскиот претставник Извиѓач во 1-то коло од годинешната сезона ќе му биде белорускиот првак Мешков. И оваа натпреварувачка сезона вкупно 10 екипи ќе се борат за престижниот шампионски пехар во РЛ, а бранител на титулата е македонскиот првак Вардар.

Во отсуство на унгарскиот шампион Веспрем и словенечките екипи Целје и Горење, кои го откажаа своето учество во оваа лига, главни фаворите на црвено-црните избраници на Роберто Гарсија Парондо во борбата за титулата, ќе бидат, Загреб и Мешков. Дебитанти во годинашнава сезона во РЛ се романска Стеауа од Букурешт и српскиот вицепрвак Железничар од Ниш. Улогата на повратник во лигата ја има босанскиот првак Извиѓач. Металург и годинава ќе ја има најмладата екипа во ова регионално натпреварување со просек од 20,6 години.

Новиот тренер на металурзите, Данило Брестовац со доаѓањето на чело на тимот од „Автокоманда“, најави продолжување на создавачкиот концепт на Металург и продукција на млади македонски ракометари, кои преку натпреварите во РЛ и Лигата на шампионите (ЛШ), полека ќе прераснуваат во врвни играчи, кои ќе ги бранат боите на клубот и националните селекции.

– Создавање млад, борбен и конкурентен тим ќе биде наша главна цел во следните три сезони. Ќе се обидам да наметнам малку поразличен начин на игра во нападот и одредена доза агресивност во одбраната. Во пресрет на новата натпреварувачка сезона главен непријател ни е времето. Се обидуваме да се навикнеме едни на други и како што одминува времето ќе ја добиваме вистинската физиономија на екипата, а со тоа очекувам и се подобри игри. Сакам чекор по чекор да одиме напред – изјави тренерот на Металург Данило Брестовац, кој в среда против Вардар ќе го има првиот официјален меч на чело на Металург. 


Вардар, Загреб, Татран и Нексе се дел од сите осум сезони

Вардар, Загреб, Татран и Нексе се четирите екипи, кои се дел од сите досегашни сезони во РЛ. За Металург и за Мешков ова ќе биде седма сезона, за Војводина петта, а за Извиѓач четврта. Четири од седумте досегашни титули во РЛ ги има освоено Вардар (2012, 2014, 2017, 2018), двапати регионален шампион беше Веспрем (2015, 2016), а еднаш Загреб (2013). Металург, пак, еднаш беше вицепрвак (2012) и еднаш трет (2013).