Златко Димитровски беше еден од најпознатите битолски ракометари во последната декада од минатиот и почетните години од овој век. Тој беше во првиот сениорски национален тим на Македонија. Имаше и меѓународна кариера, настапувајќи во шампионатот на Унгарија

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (194)

Ретко кој битолчанец нема слушнато за семејството Димитровски. Ако тргнеме по ред, претставувајќи ги неговите членови, ќе дојдеме до една вистина дека токму ова семејство е едно од најспортските во Македонија. Од него прво на сцена се појави големиот ас на македонскиот ракомет Пеце Димитровски, кој беше алфа и омега во тимот на Пелагонија, кој во седумдесеттите години од минатиот век успеа да се пласира во првата мошне силна југословенска лига. Потоа, тој кариерата ја продолжи во прволигашот Железничар од Ниш, преку кој стигна и до сениорскиот репрезентативен дрес на поранешна Југославија. За да не остане семејството со една ракометна ѕвезда, и синот Златко, веројатно инспириран од успесите и славата на својот татко, тргна по неговите стапки, беше стандарден во Пелистер и стигна до репрезентацијата на Македонија.
Но тука не завршува приказната за спортското битолско семејство. Ракометот, кој стана на некој начин главна преокупација, го привлече и внукот на Пеце, син на Златко, Иван, и тој да му се посвети на овој спорт. Така, излегува дека во континуитет од повеќе од половина век ракометот е спорт што не излезе од домот на Димитровски. Навистина кај нас има и други вакви семејства и во другите спортови, но за ова битолско семејство чии членови стигнаа до репрезентативниот дрес – капата долу.
Во овој мој запис ќе прошетаме низ спортската биографија на Златко, кого добро го познаваат и постарите и помладите љубители на ракометот, зашто се калеше и се развиваше во ерата кога Пелистер беше фактор во македонскиот ракомет.

Немаше натпревар во кој салата во Градскиот парк во Битола не беше исполнета. А за оние меѓународните средби, особено онаа со германскиот Лемго за влез во европското финале, и да не зборуваме. Тоа беше, што би рекол мој покоен колега Младен Делиќ, тоа беше лудница. Токму еден од актерите во тој натпревар беше и Златко.
– Кога со автобусот, слегувајќи од хотелот „Молика“ на Пелистер, влеговме во градот, бевме изненадени. На улиците немаше луѓе, градот беше пуст. Но како што се приближувавме кон салата, почнавме да ја чувствуваме вжештената атмосфера. Кога, пак, стигнавме на паркингот, тоа беше вистински пекол. Навивачите просто се туркаа кон влезните врати од страв да не останат надвор. Тоа беше нешто невидено – се сеќава Златко.

ДЕБИ ПРОТИВ ЦРВЕНА ЗВЕЗДА

Но да видиме како се одвиваше кариерата на Златко и која беше причината да почне да се занимава со ракометот.
– Пелистер беше синоним на Битола, како за фудбалот така и за ракометот. Низ Југославија, кога ќе се спомнеше ова име, веќе сите знаеја дека се работи за Битола. Токму тоа беше она што нас младите спортисти нѐ привлекуваше и просто нѐ тераше да се бориме за првотимскиот дрес. Инаку, мојата љубов кон ракометот дојде преку мојот татко Пеце. Јас уште од малечок одев да го гледам и се сеќавам на неговите игри. Бев горд што, особено по победите, цела Битола зборуваше за ракометот и често беше спомнувано неговото име – вели Златко.
На Златко не му требаше многу, па и тој уште од пионерските денови да почне да тренира ракомет. Прво, како и сите деца, играше во училиштето, за потоа да дојде во Пелистер, каде што прв тренер му беше Коле Поповски.
– Бев решен, ако не го постигнам квалитетот на татко ми, барем да бидам тука некаде, за да не го разочарам и него, а и љубителите на ракометот, кои во тој период будно ги следеа сите случувања во Пелистер. Затоа, уште во пионерските денови, кога наполнив 14 години, бев амбициран да постигнам нешто повеќе. Не испуштав ниту еден тренинг, тренирав и созревав, во еден момент дури и самиот почувствував оти брзо ќе дојде времето кога ќе заиграм за младинскиот тим. Само чекав да поминат уште година-две за физички да станам посилен и да можам рамноправно да се справам со противничките играчи – вели тој.

Времето брзо минуваше. Денот изгледаше вака: училиште-тренинг-дома- одмор и подготовки за новите предизвици. Кога веќе стана стандарден во младинскиот погон, погледите на Златко Димитровски одеа уште подалеку, да стигне и во сениорскиот тим. Не помина долго време, и само по три години тренирање, тој станува еден од најмладите првотимци на Пелистер.
– Случајот сакаше на мечот Пелистер – Металопластика да дојде до еден немил инцидент, кој се претвори во тепачка, меѓу ракометарите на двете екипи. Цела поранешна држава „бруеше“ и се коментираше овој настан, по кој Ракометниот сојуз на Југославија мораше да изрече и санкции. На удар се најдоа ракометарите на двете екипи, а и самите клубови. Така, многу ракометари од Пелистер беа казнети, а клубот беше суспендиран и неколку натпревари мораше да ги одигра надвор од Битола. Прв според распоредот беше дуелот со Црвена звезда, која во своите редови, покрај другите, го имаше и големиот ас Цветковиќ. Тогаш повеќе младинци на Пелистер, за да ги пополнат местата на казнетите сениори, се најдоа во првиот тим. На тој меч, кој се одигра во салата во Велес, пред голем број гледачи, јас со 17 години го имав моето прволигашко деби. Воопшто не се уплашив од звучното име на противникот, играв како веќе долго да сум настапувал за сениорскиот тим и на таа средба постигнав четири гола. Тоа многу ме охрабри и од тој момент веќе не се разделив од првотимскиот сениорски дрес. Брзо потоа стигна и поканата за настап за младинската репрезентација на Југославија, во која од македонските ракометари беше и Горан Андоновски – вели од оваа временска дистанца Златко.

ВО НАЈУБАВИТЕ ГОДИНИ ВО ПЕЛИСТЕР

Иако одигра неколку натпревари за првиот тим на Пелистер, Златко Димитровски, сепак, чувствуваше оти конкуренцијата е многу силна и ќе има мала минутажа на теренот. Затоа се реши на преселба и се пресели во Прилеп.
– Прилепчани беа многу амбициозни и со големи надежи влегоа во натпреварите во Втората југословенска лига, која беше, исто така, многу силна, а во неа, покрај другите, беа и повремените прволигаши Борац (Урошевац) и Дубочица (Лесковац). Во екипата на Тутунски комбинат дојдов во тандем со Боро Чурлевски, кој беше еден од најталентираните македонски ракометари. Двајцата го засиливме прилепскиот тим, но јас веќе следната година морав да заминам во војска. Така дојде до прекин на мојата ракометна кариера. Потоа брзо дојде и до конечниот распад на Југославија, па кога ја соблеков војничката униформа, повторно се вратив во Битола и следните години беа оние вистинските во дресот на битолската спортска гордост. Тоа ми беа најубавите години во кариерата, кои вечно ќе останат врежани во мојата меморија – продолжи Златко Димитровски.

Димитровски, демонстрирајќи еден висок квалитет, брзо го облече и дресот на репрезентацијата на Македонија, која штотуку почна да се појавува на меѓународната сцена. Така, Златко имаше можност да игра заедно со големите асови на македонскиот ракомет, како во Пелистер, така и во репрезентацијата. Тогаш лидер беше Пепи Манасков, а тука беа уште Стефановски, Јусуфовски, Маринковиќ, Чурлевски, Зарков, Ангелов, Јоновски, Марковски, Калајџиевски. Тоа беше време кога на ракометниот терен блеснаа и долго останаа на него како предводници на една извонредна генерација – Наумче Мојсовски и Кирил Лазаров.
За тоа како се одвиваше кариерата на еден од тројцата ракометари од битолското семејство Димитровски, Златко, ќе читате идната недела. Тогаш ќе прочитате како стана рекордер во Македонската лига, со 31 постигнат гол на еден натпревар.


ЗЛАТКО ДИМИТРОВСКИ

Роден: во 1970 година во Битола
Кариера: Пелистер, Тутунски комбинат, Југ Зегин, Металург, Тиквеш, Ѓунѓеш (Унгарија), младинска репрезентација на поранешна Југославија, сениорска репрезентација на Македонија
Успеси: Учество во полуфиналето на Купот на националните куп- победници, настапи за повеќе екипи во европските куповите, рекордер по постигнати голови, 31 на еден натпревар во МРЛ