Имаме максимален респект кон сите ривали во групата и очекувам овој циклус максимално да го искористиме како подготовка за претстојното СП, изјави капитенот Лазаров, а бекот Талески, пред денешниот дуел со Турција во Битола, прв од квалификациите за ЕП 2020, вели: „Важиме за големи фаворити, но никого нема да потцениме“
– Квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство во 2020 година го почнуваме со единствена цел – пласман и задржување на континуитетот учества на големите натпреварувања. Иако важиме за големи фаворити во нашата група, никого нема да потцениме. Напротив, со сите противници ќе играме на највисоко ниво за да го потврдиме својот квалитет. Знаеме дека селекцијата на Турција не е наивна и дека може да биде доста незгодна, иако доаѓа со подмладен состав. Тој ист млад состав нѐ изненади со победа на Медитеранските игри во Тарагона. Верувам дека публиката во Битола ќе направи одлична атмосфера, која ќе ни даде дополнителен мотив за добра и ефикасна игра – изјави Филип Талески, левиот бек на македонската репрезентација и на германскиот бундеслигаш Левен.
Денешниот прв квалификациски меч за пласман на Европското првенство во 2020 година се игра во Битола, со селекцијата на Турција (20.15 часот, пренос на Телма).
– Имаме максимален респект кон сите ривали во нашата група и очекувам овој квалификациски циклус максимално да го искористиме како подготовка за нашето претстојно Светско првенство, во јануари – изјави Кирил Лазаров, капитенот на македонската репрезентација.
Денешниот меч помеѓу Македонија и Турција ќе биде четврта меѓусебна пресметка на двете репрезентации во квалификациите, од кои претходните три завршиле со победа на Македонија. Во нивниот прв квалификации двобој за пласман на ЕП 2006, Македонија двапати славеше, со 36-22 и со 37-31, а победа забележа и во квалификациите за пласман на СП 2011, со 35-26. Медитеранската репрезентација на Македонија загуби во јуни годинава, на Медитеранските игри во Тарагона (29-26), каде што настапи во комбиниран сениорско-јуниорски состав.
Според списокот што го објави турскиот селектор Илкер Шентурк, селекцијата на Турција во Битола ќе биде во ослабен состав, без двајцата најдобри и најефикасни ракометари од редовите на турскиот првак Бешикташ, десниот бек Рамазан Доне и пикерот Толга Озбахар.
Во второто коло Македонија, в недела, треба да ѝ гостува на Грција во Кожани (16 часот, пренос на Телма). Селекцијата на Исланд е четвртиот член на групата 3, со која квалификациските мечеви се закажани за 10 и за 14 април 2019 година. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции во осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните. Директен пласман обезбедија домаќините Норвешка, Шведска и Австрија, како и европскиот првак од ЕП 2018, селекцијата на Шпанија.
Македонија досега има пет настапи на ЕП, од тоа четири во низа од 2012 година, а најголем успех е петтото место на ЕП 2012 во Србија.