ЈАНКО БОЖОВИЌ, ДЕСЕН БЕК НА АВСТРИЈА, НЕКОГАШЕН ЧЛЕН НА МЕТАЛУРГ

Многу добри спомени носам, го сакам Скопје, ја сакам Македонија, поминав убав период таму, каде што уште имам добри пријатели. Во репрезентацијата на Македонија има многу ракометари со кои играв во Металург, ни изјави десниот бек на Австрија, Јанко Божовиќ, во пресрет на меѓусебниот меч утре, во 3-то коло на ЕП 2020

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Македонија секако дека е фаворит, но ова е интересна група, во која секој секого може да победи. Нашата цел останува пласман во наредната фаза, без разлика на која позиција на табелата, ни изјави Јанко Божовиќ, десниот бек на репрезентацијата на Австрија, во пресрет на натпреварот со Македонија, утре, во 3-то коло на Европското првенство (ЕП) во ракомет, во групата Б, која се игра во „Градската сала“ во Виена.

Австрија во 1-то коло славеше над селекцијата на Чешка, со 32-29, вчера беше дуелот со селекцијата на Украина, а утре е натпреварот со репрезентацијата на Македонија. Пласман во главната групна фаза е минималната цел на домаќинот. Во следната групна фаза на ЕП ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од шесте групи.

– Она што се договоривме го исполнивме. И кога бевме во негатива, не се откажавме и продолживме да се бориме, што се исплатеше во самиот финиш од мечот и заслужено победивме. Натпреварот се игра 60 минути, а не само 30 или 40. Не е лесно да се игра во високо темпо во текот на целиот натпревар, но во ваква атмосфера беше прекрасно да се настапува. Одиме чекор по чекор – вели Божовиќ, кој за малку повеќе од 54 минути игра постигна седум гола (54 отсто успешност) во победата на Австрија на дуелот со Чешка, а додаде и 10 асистенции, со што беше водечки по првото коло на ЕП 2020.

Божовиќ, кој е поранешен ракометар на Металург, вели дека го врзуваат убави спомени за Македонија.

– Многу добри спомени носам оттаму, го сакам Скопје, ја сакам Македонија. Поминав убав период таму, каде што уште имам добри пријатели – вели Божовиќ.
Десниот бек од времето поминато во Металург (сезона 2015/2016, настапи и во Лигата на шампионите) познава дел од македонските репрезентативци со кои ја делеше соблекувалната.

– Има многу ракометари со кои играв во Металург. Добро ја познавам македонската репрезентација и очекувам интересен и возбудлив натпревар – рече Божовиќ, кој сега настапува за германски Гумерсбах, некогашен европски првак (пет титули).
Селекторот на Австрија, Словенецот Алеш Пајович, е среќен по победата во првиот натпревар на ЕП 2020.

– Убаво беше да се игра пред ваква публика, која нѐ понесе, но мора да признаам дека многу се мачевме, Чешка игра добар ракомет. Со формациските промени на крајот од натпреварот во нападот, но и во одбраната, сепак заслужено победивме. Одиме понатаму, ништо не е готово, нѐ очекуваат уште натпревари – вели тој.