Со полудиригирана ждрепка во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беа извлечени четвртфиналните групи за Купот на Македонија. Носителите во групите, Вардар и Металург, и двете најдобропласирани екипи од есенскиот дел на првенството, Еурофарм Работник и Пелистер, ги добија противниците за четвртфиналните дуели за пласман на завршницата на Купот на Македонија.
Еурофарм како носител на групата 1 ќе го организира турнирот, а негов противник во полуфиналето ќе биде Охрид. Другата полуфинална двојка ја сочинуваат Аристон и Вардар јуниор. Металург е носител и домаќин на групата 2, а за противник во првиот меч ќе го има тимот на Јуниор Кисела Вода. Во втората полуфинална двојка ќе се сретнат Радовиш и Пролет.
Домаќинството во групата 3 го зеде екипата на Бутел, која во полуфиналето ќе игра со Тиквеш, а противник на носителот Пелистер ќе му биде Борец. Четвртата група, чиј носител е бранителот на Купот Вардар, е без организатор, така што првиот полуфинален меч помеѓу Вардар и Прилеп ќе се игра во Скопје, а вториот меч Струга – Металург 2 во Струга. Финалето ќе се игра на теренот на победникот од мечот во Струга.
Овие мечеви е предвидено да се играат на 20 и 21 април, веднаш по завршувањето на репрезентативните обврски на ракометарите.