Стрезовски е еден од најпознатите наши стручњаци во ракометниот спорт. Кариерата ја почна како играч, а потоа застана на голот. Тој длабоко навлезе во ракометот и еден период беше селектор на машката и на женската репрезентација на Македонија, а со Металург и со Вардар освои вкупно две првенства и два Купа на Македонија
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (176)
Постарите љубители на спортот, веројатно, ќе се присетат дека во минатиот век, кога ракометот во нашата држава беше во подем, имаше еден интересен и квалитетен клуб Партизан од Драчево. Во него беа обединети сите млади заинтересирани за оваа игра, не само од познатата скопска населба, туку и од целиот град. Во тој клуб, меѓу другите, никна и едно од нашите најголеми тренерски имиња, Гино Стрезовски. Тој уште како млад почна да тренира ракомет, прво како играч, а потоа и како голман.
– Причина за мојата преквалификација од играч во голман беше една скршеница на раката, поради која не отпатував со екипата на една турнеја во Полска. Овој момент разочарувачки влијаеше на мене, зашто многу го посакував тоа патување со моите другари, со кои се дружев и кога бевме надвор од ракометниот терен. Тоа беше една група млади момчиња, кои се вљубија во ракометот, па таа заедничка блискост создадена преку спортот се преточи и во неразделно дружење. Во тие мигови, кога моите другари беа во Полска ми навираа најразлични мисли. Беше големо прашање дали ќе продолжам да играм или, пак, поради скршеницата на раката ќе мора да се простам од спортот, кој полека стана дел од мојот живот.
Така, размислувајќи што ќе биде натаму, откако екипата се врати од патешествието во Полска, во разговор со тренерот ми „светна“ идејата да се преквалификувам во голман, зашто и ова место уште од детските денови, дури и кога игравме мал фудбал, некако ме привлекуваше и ми „лежеше“. Морам да кажам дека токму таа преквалификација од играч во голман ми овозможи и понатаму да останам во ракометот, кој, како што гледате, стана мој живот и моја егзистенција – вели Стрезовски.
ДРАЧЕВО – ПОЧЕТНА СТАНИЦА
Со оглед на тоа што својата перспектива ја гледашe во спортот, Стрезовски се решава по завршувањето на средното училиште да се запише на ДИФ, така го викавме тогаш Факултетот за физичко воспитување, спорт и здравје.
– Не размислував многу и по завршувањето на средното училиште веднаш се запишав на тогашниот ДИФ. Знаев дека само така ќе можам да се надградувам и да го постигнам она што го посакував, да станам тренер. Факултетот одлично ми одеше, но истовремено бев присутен и во ракометот. Кога ми се укажа првата шанса не ја испуштив и во 1985 година станав тренер на Партизан од Драчево. Тогаш во Скопје егзистираа повеќе од 10 клуба, кои борејќи се за престиж го креваа и својот квалитет. Натпреварите беа многу интересни и тие предизвикуваа големо интересирање кај гледачите – вели Стрезовски.
Меѓутоа, тежнеејќи да работи во поголем клуб, Стрезовски ја прифати понудата на Работнички, за потоа да застане на кормилото на женската екипа на Скопје, која десетина години порано се натпреваруваше во Првата југословенска лига.
– Најголема заслуга за тоа имаше покојниот Зафир Куновски. Токму тој беше и иницијатор за изградба на ракометната сала во Автокоманда. Кога одам таму како уште да се чувствува „духот“ на Куно. Навистина беше човек, кој своевремено како играч и репрезентативец на Југославија, подоцна и како тренер и селектор даде голем придонес за развојот на ракометот во Македонија. Потоа бев тренер и на ЖРК Металург. Но морам да кажам дека еден од најубавите периоди во мојот тренерски живот поминав во Неготино. Со машкиот тим на Повардарие станавме фактор во македонскиот ракомет, а резултатите што ги постигнавме неготинци и денес ги паметат – вели Гино.
ДВЕ ТИТУЛИ И ДВА КУПА СО ВАРДАР И СО МЕТАЛУРГ
Гино стана препознатлив во ракометниот свет како квалитетен тренер, кој имаше поинаков пристап од многу негови колеги. Тој коректно се однесуваше кон ракометарите, кај него немаше кавги и пцости. Наместо тоа, тој беше голем мотиватор. Тука ја трошеше сета сила. Ваквиот пристап кон работата беше причина да биде интересен за повеќе квалитетни клубови.
– Така, во 2002 година, сепак, се решив да застанам на кормилото на Вардар, кој тогаш имаше силен тим и амбиции да биде најдобар во државата. Многу не се колебав и го презедов Вардар со кој веќе истата сезона станавме шампиони, а го освоивме и Купот на Македонија. Во меѓувреме, се зголемија и амбициите кај месниот ривал Металург, па по некои недоразбирања во вардаровата средина заминав и го презедов кормилото на металурзите. И, не погрешив, Металург беше добро организиран и веќе во следната сезона ја освоивме двојната круна, бевме шампиони и освојувачи на Купот. Ова беше период, кој мораше да се искористи зашто сите во државата, особено по освојувањето на европската титула на ракометарките на Кометал Ѓорче Петров, сите љубители на спортот се „запалија“ за ракометот. Нормално, пораснаа и апетитите за добри резултати и на сениорската женска и машка репрезентација – продолжи Гино.
Со оглед на последните резултати со Металург и со Вардар, Стрезовски беше именуван за селектор на машкиот национален тим. Сите сметаа дека тој е најадекватната личност, тренер што си ја знае работата, а што е многу битно важеше и како голем инспиратор и мотиватор. Имаше способност да создаде една целина во која постарите и помладите ракометари меѓусебно ќе се почитуваат.
– Во тоа успеав зашто имав и една одлична генерација во која беа Пепи Манасков, Макалоски, Лазаров, Брестовац, Петковски, Ристовски, Јовиќ, Димовски, Мојсовски, Мисовски и уште неколкумина, кои беа на прагот на репрезентативниот тим. Од настапите на сениорската репрезентација најмногу го паметам квалификацискиот меч со Чешка, која иако беше фаворит ја победивме на свој терен со шест гола разлика – вели тој.
СЕЛЕКТОР И НА ЖЕНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Гино Стрезовски по иницијатива од раководството на РФМ повторно се враќа на селекторското место, но овој пат на женскиот сениорски тим.
– Во квалификациите во Драма ги совладавме Швајцарија, Азербејџан и Грција, го освоивме првото место, но во баражот со Шпанија бевме поразени и не отпатувавме на ЕП 2010 во Данска. Затоа, пак, во вторите квалификации успеавме. Ги победивме Франција, Турција и Литванија и стигнавме во завршницата на ЕП 2012 во Србија. Јас од радост, со помош на ракометарките, бидејќи тоа го ветив претходно, го искинав моето сако. Потоа, ова како да стана традиција и уште двапати по победите останав без сако. Но тоа не беше битно, зашто победите на сите ни носеа радост. На ЕП во Србија немавме среќа со ждрепката. Бевме во група со Данска, Шведска и со Франција, кои на крајот беа пласирани меѓу првите четири. Се боревме, но толку ни беше силата, сепак, бевме задоволни од учеството во завршницата на ЕП, на кое на крајот бевме 16-ти. Можеби сѐ ќе беше поинаку доколку пред првенството имавме мечеви со посилни репрезентации на кои ќе ја проверевме нашата форма и ќе знаевме во која насока да одиме до почетокот на шампионатот.
Следната година ја водев женската репрезентација на Македонија на Медитеранските игри во Мерсин, Турција, каде што првпат настапивме под своето знаме и тоа беше крај на мојата селекторска кариера – вели Стрезовски.
Гино Стрезовски, кој е професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје, има издадено 13 труда од областа на ракометниот спорт. Истовремено тој е и директор на Центарот за едукација при РФМ, низ кој досега поминаа повеќе од 200 слушатели, идни тренери во клубовите или, пак, во ракометните академии.
ГИНО СТРЕЗОВСКИ
Роден: во 1959 година во Скопје
Кариера: РК Партизан Драчево, Работнички, Скопје (жени), Повардарие Неготино, Металург, Вардар, селектор на машката и на женската сениорска репрезентација на Македонија
Успеси: освоени две двојни круни (првенство и куп) во машка конкуренција, по една со Металург и со Вардар, селектор на нашата женска репрезентација на ЕП 2012 во Србија