Во првиот дуел од полуфиналето на ЕП 2020, од 18 часот играат Норвешка – Хрватска, а од 20.30 часот е мечот Шпанија – Словенија

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Шпанија, Хрватска, Словенија и Норвешка денеска во Стокхолм ќе настапат во полуфиналињата на Европското првенство (ЕП) во ракомет, кое се игра во три земји, Австрија, Норвешка и Шведска. Во првиот дуел од 18 часот играат Норвешка и Хрватска, а од 20.30 часот е мечот Шпанија – Словенија.
Победниците в недела ќе играат за титулата. Шпанија, која ја брани титулата, на седумте меча на ЕП 2020 забележа шест победи и едно реми и како првопласирана од главната група 1, одиграна во Виена, пристигна во Шведска. Со едно реми е и Хрватска, со сите седум победи досега е Норвешка, а два пораза претрпе Словенија на патот до полуфиналето. Некои од полуфиналистите ги прашавме што може да биде клучно на патот до титулата.

– Тимовите што се во полуфиналето се навистина уморни, и психички и физички. Веројатно на крајот ќе се радува оној што ќе има најголема ментална сила. Кога си на крајот на турнирот, единствено што сакаш е да го дадеш најдоброто. Нема да имаме силна поддршка од трибините, но тоа не е нешто ново за нас – изјави шпанскиот голман Родал Коралес (41 одбрана), кој со Перез де Варгас (49 одбрани) го сочинува најдобриот голмански тандем на ЕП 2020.

Како да се запре налетот на Норвежаните и на најдобриот досега на ЕП, Сандер Сагосен (51 гол и 42 асистенции), ќе треба да најде решение Хрватска.
– Нема тука дилеми, одбраната ќе го одлучува победникот. Името на противникот ништо не ни значи, затоа што имаме свои задачи и цели, кои треба да ги исполниме на теренот. Во нападот треба да одиграме паметно и да не правиме технички грешки со кои би му дозволиле лесни голови на противникот. Патуваме во Стокхолм со добри мисли и со голема самодоверба. Верувам дека таму ќе имаме поддршка и публиката ќе биде наш осми играч, како што беше во Виена – рече ракометарот на Магдебург, дефанзивец во составот на хрватскиот селектор Лино Червар, Жељко Муса.
Одигра перфектно против Германија, а дирекот го спречи да биде херој и против Шпанија. За средниот бек на Кил и на хрватската репрезентација Домагој Дувњак сѐ е јасно.

– Математиките се јасни – потребни ни се два големи и непогрешливи меча за златото. Верувам дека можеме да ги одиграме – смета капитенот на Хрватска.
Австрија за ова ЕП беше засилена на голманската тренерска позиција со ангажманот на Швеѓанецот Матиас Андерсон (освојувачот на ЕП 2000). Тој успеа да ги крене перформансите на австриските голмани, кои запираа удари и до 122 км на час.
– Ја сметам Норвешка за фаворит, тимот е во одлична кондициска и психичка подготвеност, што, секако, игра голема улога во ваквите нокаут-мечеви – вели Андерсон, за кого мечот со Белорусија беше последен на австриската клупа, а својата кариера ќе ја продолжи во германската репрезентација.

Кај Лука Степанчиќ (25 гола) мотивот нема да недостига.
– Дополнителна мотивација од пласман во полуфинале не е потребна. Свежината, исто така, ќе игра важна улога, затоа што не е лесно да се игра секој втор ден. Ривалот во полуфиналето ќе има повеќе одмор, бидејќи нема да патува како нас, но што е тука е – вели Степанчиќ, кој е втор стрелец кај Хрватска.

И неговиот колега Марко Мамиќ најавува битка за трофејот.
– Нема што да ги криеме амбициите, одиме на победа и на пласман во финалето. Можеби ќе одлучува една топка, можеби голманска одбрана, ништо не се знае предвреме во ракометот. Треба да бидеме максимално концентрирани цел меч и во секој момент да знаеме што играме и што сакаме. Нѐ очекував ваква поддршка во Виена, а не знам што нѐ очекува во Стокхолм, но ние, ракометарите, сигурно ќе дадеме сѐ од себе за две победи – рече Мамиќ.

Точно 222 гола на седум меча постигна Шпанија (најефикасна на ЕП досега), а дури 11 ракометари имаат двоцифрен број голови.
– Играме многу добар турнир, очекувам така да продолжиме. Здрави сме и подготвени за важните мечеви викендов. Секогаш е убаво кога ќе се најдеш во оваа фаза од натпреварувањето, сакаме да победиме, бидејќи тоа не значи само медал туку и пласман на Летните олимписки игри – вели Жоан Кањељас.


Шпанија како Филиас Фог

Шпанија и Германија се селекциите што на ова ЕП ќе одиграат мечеви во сите три држави-домаќини.
– Ние сме како Филиас Фог на ова првенство, знаевме што нѐ очекува уште пред почетокот и мора да го прифатиме тоа. Првиот трансфер од Трондхајм за Виена беше удобен, имавме дополнителен ден да се подготвиме за мечот, тоа сега нема да биде случај. Но, од друга страна, екипите во Малме одиграа два меча во два дена. Ваквиот распоред не е идеален, но најважно е што сме здрави и немаме повредени. Се надевам дека патувањето за Стокхолм нема да нѐ исфрли од ритам, бидејќи слободниот ден ќе ни помине во патување, обврски кон медиумите итн. – вели шпанскиoт ракометен репрезентативец Жоан Кањељас. М.П.

Коралес: Најважно е што салите се полни и што играчите се среќни

Игравме во Норвешка, во Австрија, па сега во Шведска. Беше забавно да се настапува во три држави. Кога навивачите ги респектираат ракометарите, тоа е перфектно. Во Трондхајм и во Виена сѐ беше супер организирано. Кога се игра во вакви услови, многу е подобро отколку да се игра во една држава. Најважно е што салите се полни и што играчите се среќни кога играат пред полни трибини, вели голманот на шпанската репрезентација Родал Коралес. М.П.

Марковски: Посакувам Хрватска да се искачи највисоко на пиедесталот

Во Виена, покрај „Нова Македонија“, се присутни и македонските ракометни тренери Иван Маркоски, Томче Петрески и Кристијан Грчевски, кои се дел од тренерскиот семинар на ЕХФ.
– Посакувам Хрватска да се искачи највисоко на пиедесталот. Тие ќе имаат тешка задача во полуфиналето. Норвешка е константна и без осцилации во играта. Шпанија е незгодна поради искуството. Ми се чини дека темпото е преголемо за Шпанците и дека нема да издржат. Словенците негуваат брз ракомет и ќе биде добро да се види тактичкото надмудрување со Шпанија – вели Марковски. М.П.

Пасквал: Кога играш на ова ниво, нема изговори, мора да дадеш максимум

Полуфиналистите покажаа најдобар ракомет и не случајно се тука. Тешко е да се прогнозира кој ќе победи, ќе одлучуваат детали. Некои екипи што беа елиминирани во првиот дел, мислеа дека е доволно само да пристигнат на мечевите и дека ќе победат, се покажа дека не е така. Проширувањето е добро за ракометот, бидејќи секој меч е важен и нема простор за калкулации. Кога играш на ова ниво, нема изговори, мора да го дадеш максимумот, рече тренерот на Барселона Чави Пасквал, кој ги следеше мечевите во Виена. М.П.