За ракометарите на Вардар ова ќе биде можност и да му се реваншираат на Мотор за неодамнешниот пораз во Регионалната лига
Актуелниот европски првак Вардар, утре (17 ч., пренос на МТВ), вторпат за дваесетина дена ќе ги одмери силите со седумкратниот првак на Украина и пет пати победник на тамошниот Куп, Мотор од Запорожје. Ова ќе биде нивен прв дуел во Лигата на шампионите (ЛШ), додека првиот меч воопшто беше во Регионалната лига (РЛ), кога вардарци загубија со 31-32. Секако, можност за избраниците на Давид Писонеро да му се реваншираат на Мотор и со тоа да ја продолжат победничката серија и во третиот меч од групата Б во ЛШ. За разлика од Вардар, кој прокнижи две победи (Монпелје и Порто) и има максимални четири бода, Мотор ги загуби и двата дуела на гости, против Веспрем (28-40) и Киелце (26-33) и моментно е последен со најголема негативна гол-разлика (19), но затоа, пак, има максимални три победи во РЛ каде што е дебитант.
По овој натпревар, Вардар има можност да биде 19-от клуб во историјата на ЛШ, кој би постигнал вкупно 4.000 гола, а за тоа му недостигаат уште 11. Домаќинот не остварил победа во ЛШ на последните пет средби во низа, а Вардар, пак, има пет победи во низа, вклучувајќи ги и двата дуела на последниот фајналфор.
Мотор, кој е постојан учесник во ЛШ од 2013 година, во своите редови има осум странци (по двајца Белоруси и Руси, а по еден Естонец, Полјак, Литванец и Црногорец). Носечки играчи им се белорускиот пикер Максим Бабичев (лани 48 гола во ЛШ), десното крило Артем Козакевич (61), литванскиот централен бек Аиденас Маласинскас (71), белорускиот централен бек Барус Пухоуски (87), руското лево крило Игор Сорока (38), црногорскиот лев бек Стеван Вујовиќ (22) и засилувањето од Кил, естонскиот десен бек Денер Јанима. Досега најдалеку што успеал да стигне (на три пати) е меѓу 16-те најдобри.
Избраниците на тренерот Николај Степанец протежираат цврста, а на моменти и груба одбрана, за што говорат и двата црвени картона (еден директен) и 20-те минути исклучувања на две средби во ЛШ. Посилна страна им се бековите, како и брзите крилни контри.
Натпреварот се игра во салата „Јуност“ (капацитет од 3.650 гледачи), a судиската правда им е доверена на Хрватите, Далибор Јуриновиќ и Марко Мрвица.
Еурофарм Работник пред тежок предизвик во Ирун
Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник, утре (12.10 ч.) ќе биде пред тежок предизвик во ЛШ. Имено во шпанскиот град Ирун, ќе го одигра третиот меч од групата Ц во ЛШ против шпанскиот вицепрвак Бидасоа во чии редови има осум странци. За разлика од избраниците на Стевче Алушовски, кои забележаа два минимални пораза, дома од Спортинг (29-30) и на гости од Савехоф (24-25), Шпанците имаат две победи, на гости против словачки Татран (25-23) и дома против фински Кокс (34-19) и максимални четири бода.
Добра вест е што по едногодишната пауза поради повреда на Ахиловата тетива, на теренот е најавено враќањето на десниот бек Мартин Велковски, а лошата, пак, дека поради повреда на дланката, најверојатно нема да патува пикерот Никола Маркоски. Евентуалната победа или реми на Еурофарм Работник во Ирун, ќе биде историска, оти првпат ќе бидат освоени бодови (два или еден) во ова најсилно клупско натпреварување. Г.И.