Стрелците беа расположени, постигнаа најмногу голови по меч досега, по 56,9, а поединечно најголем пораст има на головите од игра „еден на еден“. Споредено со претходните две СП, има пад во бројот на асистенции, контри, голови од девет и од шест метри, украдени топки и блокирани удари, а зголемен е бројот на технички грешки

РАКОМЕТ – СПОРЕДБА НА ПРЕТХОДНИТЕ ТРИ МУНДИЈАЛИ

Ефикасна игра со најмногу постигнати голови во просек по натпревар досега, 56,9, во која доминираа индивидуалците во играта „еден на еден“, го обележи 27-то ракометно Светско првенство (СП) во Египет, според статистичките податоци. На минатото СП биле постигнати по 54,5, а две години пред тоа по 55,2 гола по средба.
Споредено со претходните две СП, во Германија и во Данска во 2019 година и во Франција две години пред тоа, статистиката за СП во Египет бележи пад во неколку статистички категории од играта. Годинава намален беше бројот на асистенции, зголемен беше бројот на технички грешки, намален беше бројот на реализирани и истрчани контри, како и бројот на реализации од линијата од девет метри, од шест метри, бројот на украдени топки и блокирани удари.
Во 102-та меча на СП 2021, просечниот број на меѓусебни проигрувања беше 24,1 по натпревар, а на СП 2017 просекот беше 28,7 асистирања по меч. Најмалку технички грешки во просек по средба беа направени на СП 2019 со 20,3 загубени топки по натпревар, а годинава просекот беше 21,3. Позитивен биланс бележи реализацијата од ситуации „еден на еден“, кој сега изнесуваше 8,4 пробиви по меч, во 2019-та оваа категорија беше 6,3 реализации по натпревар, а во 2017 година имаше само по 3,9 брзи влезови по меч.

Како ефект на поагресивната игра во одбраната на СП 2021 беа досудени 568 седмерци (5,5 по натпревар), во 2019-та имаше 519 (5,4), а на СП 2017 450 (5,3) седмерци. Зголемен е и бројот на исклучувања по меч и бројот на поделени црвени картони…
Статистички, минимално е намален бројот на реализирани удари од бековската линија од девет метри, од 12,8 на 12,1 гола по меч, а пад бележи и реализацијата од линијата од шест метри од 15,9 на 13,5 реализации по натпревар. Мал пораст има во реализацијата од крилните позиции – 7,8, во споредба со 7,4 во 2017 и 7,3 во 2019-та. Статистички пад има и во просечниот број на голмански одбрани по натпревар, годинава е 22,1 по меч, во 2019-та имало по 22,3, а на СП 2017 по 23,5 одбрани по средба.