Иако стои фактот дека се сумираат победите и поразите за да се оцени сезоната, нашата цел за создавање добра и стабилна база со која повторно ќе го издигнеме клубот во ракометните височини е постигната. Низ победите и поразите сезонава, Металург продуцира шест нови репрезентативци, а во најава се уште неколку, рече Брестовац
Со доминантна игра и висока победа над Војводина, со 39-20, ракометарите на Металург ја завршија сезоната во Регионалната лига. Избраниците на тренерот Данило Брестовац многу лесно се справија со српскиот шампион, кој во последниот меч сезонава реши поголема минутажа да му даде на својот младински состав.
Доминацијата на металурзите беше евидентна во текот на целиот натпревар, кој според бројот на постигнати погодоци беше нивни најефикасен меч сезонава.
Победата со 19 гола разлика е рекорд сезонава во Регионалната лига, со оглед на тоа што претходно најубедливата победа сезонава ја имаше Мешков Брест од Белорусија во дуелот со Извиѓач од БиХ, со 18 гола разлика (40-22).
– Ме радува тоа што моите момци одиграа коректен и квалитетен натпревар за крај на сезоната. Добро е што и Александер Шпенде ни се врати во тимот и што можевме на терен да видиме и некои од помладите играчи. Михајло Младеновиќ и Мартин Серафимов одиграа добар натпревар, но треба да продолжат уште подобро и поцврсто, па резултатите нема да изостанат ни во иднина. Мислам дека имаме добра перспектива во пресрет на плејофот во домашното првенство – изјави Брестовац.
Седмата сезона во регионалната лига Металург ја заврши на деветтата позиција со 13 бода, три помалку од осмопласираниот Железничар и девет повеќе од последниот Извиѓач.
– Зад нас е турбулентна сезона во Регионалната лига, во која бериќет видоа младите играчи. На сметка на младоста и неискуството испуштивме четири-пет победи, со кои ќе имавме далеку повисок пласман. Некои од играчите што во минатите сезони имаа само епизодни улоги, сезонава ја имаа главната улога во натпреварите. Иако стои фактот дека на крајот на годината се сумираат победите и поразите за да се оцени сезоната, нашата цел за создавање добра и стабилна база со која повторно ќе го издигнеме клубот во ракометните височини е постигната. Низ победите и поразите сезонава во Лигата на шампионите и во Регионалната лига, Металург продуцираше пет-шест нови сениорски репрезентативци, Марио Танкоски, Милан Лазаревски, Мартин Томовски, Димитар Димитриоски, Томи Јагуриновски, Мартин Серафимов, како и Мартин Велковски, кој веќе е стандарден, а во најава се Бојан Маџовски, Мице Шилегов, Филип Арсеновски, Михајло Младеновиќ…. – рече Брестовац.
Следни на агендата на металурзите ќе бидат плејофот и натпреварите во Купот на Македонија, кои треба да почнат во втората половина на март.