Ракометарите на Спортинг не го искористија домашниот терен и загубија од Динамо (25-26) во првиот бараж-дуел за пласман во осминафиналната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ). Хрватскиот лев бек Анте Кудуз со седум гола беше лидер на Романците, кои стигнаа до нивната осма победа и се единствениот тим без пораз во досегашниот тек од сезоната.
За разлика од Спортинг, полскиот првак Висла максимално ја искористи поддршката на домашната публика и забележа висока победа од 32-25 над шпанскиот вицепрвак Бидасоа Ирун, со кој стигна на чекор до пласман во осминафиналната фаза од ЛШ.
Сензационална победа без резултатски ефект забележаа ракометарите на белорускиот првак Мешков Брест, кои славеа над германскиот гигант Кил, со 33-30, во мечот од 13-то коло од групната фаза во ЛШ. Белорусите уште во минатото коло ги загубија шансите за пласман во осминафиналната фаза, а Кил со победата над Веспрем си ги осигури првата позиција на табелата во групата Б и директниот пласман во четвртфиналната фаза од ЛШ.
Со победата над данскиот првак Алборг (31-30), хрватскиот првак Загреб ги задржа теориските шанси за пласман во осминафиналната фаза од ЛШ, за чија реализација загрепчани ќе треба да го победат ПСЖ во последниот меч од групната фаза сезонава, а Целје ќе треба да ги загуби мечевите со Барселона и со Фленсбург.
Во преостанатите дуели од 13-то коло од ЛШ на победи се израдуваа португалскиот првак Порто, кој дуелот со Вардар го доби со 30-22, ПСЖ славеше над Елверум со 31-25, а Киелце беше подобар во дуелот со Мотор со 33-26.