Иновативни идеи за помасовен и поквалитетен ракомет

Тргнувајќи од ентузијазмот и посветеноста на ракометните работници, односно на СЕХА од една страна и менталитетот и преданоста на луѓето од Далечниот Исток, односно Кина, не е преоптимистички ако во овој момент се најави една ваква иницијатива, која ќе донесе конкурентност, омасовување и повисоко ниво на квалитет во ракометот. Од друга страна, овој зафат би можел да значи и многу повеќе од спортско поврзување, односно инвестиции во спортска инфраструктура, трансфер на знаења, спортско-лекарски вмрежувања, подготовки… Иницијативата може да отвори кластерско поврзување, не само од областа на спортот, туку и многу пошироко

СЕХА повторно повлече нога за посветла иднина на ракометниот спорт. Имено, челниците на СЕХА исклучително визионерски, во функција на омасовување и зголемување на квалитетот на ракометниот спорт, кој патем речено според многу спортски работници е наш национално омилен, ги стави во погон своите ресурси за мобилизирање на сѐ повеќе идеи во кои ракометот сѐ повеќе ќе избива во прв план. Една од тие квалитетни иницијативи е динамизирањето на натпреварувањата во СЕХА, и потенцијалното нејзино проширување во рамките на Стариот Континент, но уште повеќе и со принови од Далечниот Исток.

Имено, пред некој ден во спортските кулоари проструи веста дека ракометната репрезентација на Кина би можела да ѝ се приклучи на Регионалната СЕХА-лига. Информацијата содржеше неколку податоци во кои се вели дека делегација составена од ракометниот клуб Загреб и од Хрватската ракометна федерација (ХРФ) во неколку наврати, пред извесно време, биле во посета на Шангај, каде што било разговарано, селекцијата на Кина да се пресели со својата база во Загреб. Втор значаен податок е дека веќе бил ставен на маса предлогот ракометната репрезентација на Кина да влезе во СЕХА-лигата како еден од учесниците за следната сезона.

Дека во оваа вест има вистина, добивме потврда и од првиот човек на Сеха-лигата, Михајло Михајловски, кој најави дека за скоро време ќе има подетални информации околу евентуалното приклучување на Кина во регионалното натпреварување.
Во секој случај, тргнувајќи од ентузијазмот и посветеноста на ракометните работници, односно на СЕХА од една страна и менталитетот и преданоста на луѓето од Далечниот Исток, односно Кина, не е преоптимистичко ако во овој момент се најави една ваква иницијатива, која ќе донесе конкурентност, омасовување и повисоко ниво на квалитет во ракометот. Од друга страна, овој зафат би можел да значи и многу повеќе од спортско поврзување, односно инвестиции во спортска инфраструктура, трансфер на знаења, спортско-лекарски вмрежувања, подготовки… Иницијативата може да отвори кластерско поврзување, не само од областа на спортот, туку и многу пошироко.
Ова не е нешто ново, кога е Кина во прашање. Тие пред извесно време имаа своја база во Данска со седиште во Виборг, но бидејќи не биле задоволни од напредокот на нивниот тим решиле да бараат нов европски партнер од кој ќе учат ракомет.

Квалитетот и стручноста кон кој се стремат Кинезите ги препознаа во Регионалното натпреварување (и во хрватскиот ракомет), кон кое се очекува да се приклучат, доколку и двете страни се пронајдат во приказната што ја градат.

Со оглед на тоа што Кинезите сакаат да напредуваат во секој поглед и да ги совладаат спортовите во кои заостануваат пред другиот од светот, веќе подолго време повеќе од стотина кинески деца од различна возраст престојуваат во Хрватска, каде што под стручната палка на хрватските тренери се едуцираат и учат фудбал, ракомет, ватерполо и кошарка.

– Нашата влада смета дека нашите деца многу ќе научат за спортската техника и тактика во спортовите што во Кина не се толку развиени, како ракометот и ватерполото. Младите спортисти се нашиот мост за пријателство меѓу нашите држави – изјави потпретседателката на државниот совет на Народна Република Кина, Кине Сун Чунлан.

Во прилог на оваа вест оди и информацијата дека од февруари минатата година во тимот на Замет од Риека настапуваат двајца репрезентативци на Кина, голманот Куан Ванг (2005 см) и левиот бек Жао Чен (203 см).

– Тешко ни е што во Кина ни останаа семејствата, пријателите и девојките, но од друга страна знаеме зошто сме дојдени овде. Дојдовме да научиме ракомет, за да можеме да придонесеме во нашиот национален тим – вели голманот Ванг.
Студент на размена од кинескиот спортски факултет од Пекинг вели дека во Хрватска дошол да научи дел од „хрватската техника“ на пливање.

– Во Кина учиме само три стила пливање, градно, слободно и грбно, а во Хрватска учиме да пливаме во стилот пеперутка – вели кинескиот пливач Вонг Зјипенг.


И ИХФ ја шири идејата за ракометот во „неракометните“ земји

Доаѓањето на Кина во Европа со цел усовршување и подобро совладување на ракометната игра, се совпаѓа со дел од проектите на Светската ракометна федерација (ИХФ) која го промовира и поддржува развојот на ракометот во неракометните земји.
Токму за таа цел, минатата недела во Санто Доминго, Доминиканска Република, се одржа првото машко Светско првенство за земјите од Северна Америка и Карибите. Шампионатот го освои селекцијата на Куба, која беше подобра од САД во финалето. Трета беше селекцијата на Порторико. Следуваа Доминиканска Република, Мартиник, Мексико, Хаити и Канада.


ИХФ му овозможи СП на Косово

Репрезентацијата на Косово до 21 година обезбеди пласман на Светското јуниорско првенство што летово ќе се одржува во Шпанија, како победник на турнирот „Трофејот на ИХФ“. Овој турнир е дел од проектот на ИХФ за развој на ракометот во неракометни земји. Косово одлично ја искористи можноста која му ја даде ИХФ како домаќин на турнирот.
Во финалето на турнирот, Косово беше подобар од тимот на Кинески Тајпеј. На турнирот учествуваа јуниорските репрезентации на САД, Парагвај, Нигерија и Австралија.
Во конкуренција на ракометари до 19 години победи Кинески Тајпеј, пред Нигерија, Косово, Канада, Парагвај и Нов Зеланд.