Репрезентацијата на Украина, која ги загуби трите тест-меча пред ова ЕП, има просечна височина од 194,2 см, во тимот има петмина двометраши, а хендикеп ѝ е отсуството на првите два десни бека, но во тимот го има најдобриот стрелец на ЛШ сезонава

Селекцијата на Украина, вечерва, од 20.30 часот, во Виена ќе ѝ биде првиот противник на репрезентацијата на Македонија на Европското првенство (ЕП) што почна вчера, а ќе трае до 26 јануари, во Австрија, Норвешка и во Шведска. Селекторот на Украина, Сергеј Бебешко, за овој шампионат одбра проверени ракометари од кои 11 се дел од домашното првенство, шестмина од шампионот Мотор и петмина од вицепрвакот ЗТР Запорожје. Во селекцијата се и седуммина интернационалци, меѓу кои двајцата ракометари на Еурофарм, левиот бек Владислав Остроушко и пикерот Александар Шевелев.

Поради повреди, дел од украинскиот состав на ова ЕП нема да бидат десните бекови Сергеј Онуфриенко (Шартр, Франција) и Владислав Донтсов (Мотор). Просечната возраст на украинскиот состав е 27,7 години, а просечната височина на тимот на Бебешко е една од највисоките на ЕП, со 194,2 см (има пет играчи од два метра или повеќе). Централниот бек Александар Тилте, левото крило Јевген Жук, Остроушко и Шевелев се најискусните и најефикасни репрезентативци во составот на Украина.
Со оглед на тоа што Остроушко сезонава е најдобриот стрелец во Лигата на шампионите со 56 гола, веројатно, Бебешко ќе се обиде да ја искористи неговата натпреварувачка форма и нападот да го гради во негова насока, а тука се и репрезентативците од редовите на Мотор, кои покрај тоа што имаа силни мечеви во ЛШ одиграа одлични мечеви и во Регионалната лига.

Хендикеп за Украинците е десната бековска позиција, каде што поради повреда го загубија нивниот најефикасен репрезентативец Онуфриенко, а и неговата замена од Мотор, Донтсов. Па, така, напаѓачката линија на Украина, најверојатно, би ја сочинувале левиот бек на Еурофарм, Остроушко, централниот бек на ЗТР, Тилте и Жуков од Мотор.

Во трите контролни натпревари што ги одиграа Украинците пред ЕП (порази од Швајцарија со 22-32, Холандија со 27-30 и од Тунис со 32-34) солиден ефект остварија крилата Захар Денисов (осум гола), Андри Акименко (14 погодока) и Артем Козакевич (шест гола), како и пикерот Дмитри Илченко (девет реализации) на линијата од шест метри. Акцентот на Бебешко беше ставен на формирањето на одбраната. Поради висината на играчите, најдобро функционираа во одбранбена формација 6-0, а на моменти добро затвораа и со 5-1. Меѓу другото, на овие три натпревари Бебешко се обиде да игра и со системот седум на шест, како една од опциите во нападот без десен бек.


Досега е нерешено во меѓусебните дуели

Македонија и Украина имаат по една победа и две ремија во меѓусебните мечеви, со идентична вкупна гол-разлика, 86-86 (сето тоа во квалификациите за СП 1997 и за ЕП 2018), а вечерва двете селекции првпат се среќаваат на едно европско првенство

Македонската ракометна репрезентација вечерва (20.30 часот) петти пат ќе игра со Украина, но првпат на едно европско првенство (ЕП). Тие досега се имаат сретнато четири пати, и тоа во квалификациите за пласман на Светското првенство во 1997 година и во квалификациите за ЕП 2018.
Два од четирите меча завршиле без победник (13-13 во 1996 година во Битола и 27-27 во 2017 година во Суми, во Украина) и по една победа за двете селекции. Украина славела дома во 1996 година со 25-19, а Македонија пред три години со 27-21, во Скопје. И вкупната гол-разлика е идентична, 86-86.
Од нивните два последни дуели, почетната постава на Македонија има само една измена. На централната бековска позиција тогаш играше Филип Миркуловски. И тогаш за Македонија настапија Кирил Лазаров, Филип Талески, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Борко Ристовски…
Кај селекцијата на Украина нема измени на крилните и на пикерските позиции, на местото на левиот бек Вјачеслав Садови сега е Владислав Остроушко, а голманите Иван Чуприна и Вадим Бражњук во меѓувреме заминаа во пензија.
Македонија петти пат во низа, а шести пат вкупно, ќе настапи на ЕП, а Украина првпат по настапот на ЕП 2010 (16-то место) и, исто така, вкупно шести пат ќе игра на континенталното првенство. Најдобриот пласман на Македонија на ЕП е четвртото место во 2012 година, а на Украина 11-то во 2002 година.


ТВ-преноси на Телма

Директни преноси од ракометното Европско првенство (ЕП) ќе емитуваат 32 земји од Европа и една од Јужна Америка (Бразил), пишува на официјалната интернет-страница на ЕП. Случувањата од шампионатот за Македонија ќе ги пренесува ТВ Телма. На ЕП ќе играат 24 репрезентации, а од земјите што немаат учесник преноси ќе има во Литванија, Естонија, Финска, Грузија, Израел, Словачка, Италија и во Романија. Преноси ќе има и преку каналот ЕХФ-ТВ

Играчите на мечот ќе донираат вода за децата во Етиопија

Со вчерашните први мечеви на ракометното Европско првенство (ЕП) почна и акцијата на спонзорот „Грандфос“ за донација на чиста вода за децата во Етиопија. По секој натпревар, за време на ЕП, ќе биде именуван играч на мечот кому ќе му се дадат летоци за проектот, но што е најважно, во негово име ќе се направи донација, со што во Етиопија ќе им се овозможи на десет деца пристап до чиста и безбедна вода, пишува на официјалната интернет-страница на ЕП 2020.
– Како поддржувачи на ракометот и на Одржливата развојна цел 6, ние сме горди да го комбинираме ракометното првенство со можност да им донесеме чиста и безбедна вода на оние на кои им е најпотребно. Чувствуваме обврска да направиме разлика каде и да можеме. Давањето пристап за овие деца до чиста и безбедна вода навистина може да ги промени нивните животи – вели за сајтот на ЕП, Гит Киркеби Сое, директор за брендирање во таа компанија.

ДЕНЕСКА НА ЕП 2020
Група Б
Чешка – Австрија 18.15 ч.
Македонија – Украина 20.30 ч.
Група Д
Франција – Португалија 18.15 ч.
Норвешка – БиХ 20.30 ч.
Група Ф
Словенија – Полска 18.15 ч.
Шведска – Швајцарија 20.30 ч.