Двократниот европски првак и актуелен бранител на титулата Вардар, со победа ја започна годинешнава Лига на шампионите (ЛШ) во ракомет, откако попладнево во Монпелје во возбудлив и докрај неизвесен меч го совлада истоимениот француски клуб со 33-31 иако на полувремето губеше со гол разлика, 16-17, што може само да радува и покрај неколкуте играчки промени во скопскиот состав.
На теренот во Монпелје, црвено црните и понатаму не знаат за пораз, па така ова им беше четврти настап во ЛШ. Во сезоната 2015/2016 славеа со 30-25, а во минатата со 27-24, додека единственото реми (34-34) беше во сезоната 2014/2015.
Натпреварот беше израмнет, а расплетот следеше во последните осум минути, кога избраниците на тренерот Давид Писонеро подобро се снајдоа пред својот гол, а беа попрецизни пред противничката мрежа, што резултираше во тој период со четири последователни гола.
Најпрецизни во редовите на актуелниот европски шампион беа, централниот бек Сташ Скубе со седум и левото крило Тимур Дибиров со шест гола, а кај домаќинот десниот бек Валентин Порт со седум погодоци.
Вториот натпревар Вардарци ќе го играат во Скопје на 22 месецов, а противник ќе им биде португалскиот претставник Порто.