Меѓу четирите најдобри се и Металург и Еурофарм Работник, а синоќа во финалниот меч од четвртфиналната група 4 играа Струга и Вардар
Ракометарите на Металург, Еурофарм Работник и Бутел се трите тимa што обезбедија пласман во полуфиналето од 27-то издание на Купот на Македонија. Остана уште својот пласман во завршницата да го завери бранителот на трофејот Вардар, кој синоќа во финалниот дуел од групата 4 за противник ја имаше екипата на Струга.
Вардар е најтрофеен во Купот на Македонија бидејќи зад себе има 13 трофеи, по пет имаат Металург и Пелистер, а по еден пехар освоија Куманово, Борец и Тутунски комбинат Прилеп.
Амбициозниот состав на Бутел, кој ја игра својата деби-сезона во Суперлигата, успеа да обезбеди и прв настап во завршницата на Купот на Македонија. Во полуфиналниот дуел од групата 3 ракометарите на Бутел го елиминираа преполовениот состав на Пелистер (29-20), а потоа во финалето од групата славеа над Тиквеш со 36-29.
Сигурен пат до полуфиналето на Купот имаа и ракометарите на Металург и на Еурофарм. Металурзите забележаа две рутински победи, над Јуниор Кисела Вода со 39-21 и над Пролет со 31-29, а „фармацевтите“ славеа над Охрид со 34-20 и против Вардар јуниор со 38-27.
Последниот патник во фајналфор-турнирот во Купот на Македонија ќе биде победникот во синоќешниот дуел помеѓу Струга и Вардар, кој се играше во Струга.
Полуфиналните двојки за завршницата од Купот дополнително ќе бидат извлечени, а дополнително ќе биде одреден и домаќинот на фајналфор-турнирот во Купот на Македонија.