Томослав Јагуриновски во акција на натпреварот Македонија - Грузија Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сметам дека имаме фонд на играчи и секој секого може да го замени во селекцијата. Верувам дека до 1 јануари, пред да заминеме на подготовки во Словенија, ќе ја најдеме вистинската комбинација, вели селекторот Брестовац по успешната недела на ЕХФ, во која подмладената македонска репрезентација забележа три победи и едно реми

Македонската машка репрезентација забележа три победи и едно реми во првата фаза од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, изминативе седум дена во рамките на репрезентативната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Селекторот Данило Брестовац оваа седмица ја искористи за да ги испроба можностите и квалитетите на помладите репрезентативци. На првите два меча во Турција поштедени беа капитенот Кирил Лазаров, голманот Борко Ристовски, левото крило Дејан Манасков и бековите Филип Талески и Филип Кузмановски, а за мечевите со Грузија во Скопје некои од нив делумно беа вклучени во екипата. Капитенот Лазаров беше единствениот кого селекторот целосно го поштеди во оваа фаза од подготовките.
Македонските репрезентативци забележаа победи во дуелот со Турција (26-23) на гости и на двата меча со Грузија (25-21 и 29-28) во Скопје, а одиграа нерешено со Италија (26-26), на неутрален терен, во Турција.

– Задоволен сум од одиграното на овие четири натпревари, по кои веќе имам формирано поширока слика за можностите на секој од репрезентативците. Факт е дека момците за овие четири меча сакаа да покажат дека заслужуваат да го носат дресот на репрезентацијата, а од она што го видов на теренот, мислам дека конкуренцијата полека се заострува и дека можеби не за следната година, но за две-три години ќе биде предизвик и чест да се игра за оваа репрезентација. Сметам дека имаме фонд на играчи и секој секого може да го замени во селекцијата. Жалам само што немаме малку повеќе време до ЕП за да одиграме повеќе вакви натпревари. По двата меча со Грузија, ми се создаде и една дилема – дали Кузмановски и Талески се компатибилни кога играат заедно. Тоа ќе треба да се реши на следниот собир. Можеби ќе треба да најдеме двајца средни бекови што би играле посебно, едниот со Талески, другиот со Кузмановски – вели Брестовац.

Следниот собир за подготовка на селекцијата за настап на ЕП 2020, кое ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска, Брестовац ќе го има во декември и во јануари, за кога се предвидени најмалку уште четири контролни натпревари. Македонската репрезентација на 27 и 28 декември треба да настапи на традиционалниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија, што ќе биде шести настап за нашиот национален тим на еден од најстарите ракометни турнири на континентот. По новогодишните празници, на 2 јануари селекцијата заминува на подготовки во Словенија, каде што се предвидени уште два контролни натпревара, од кои првиот на 3 јануари со Словенија, а два дена подоцна со Црна Гора. Сето тоа значи дека Македонија пред настапот на ЕП 2020 вкупно ќе одигра најмалку осум тест-натпревари.

– Верувам дека до 1 јануари, пред да заминеме на подготовки во Словенија, ќе ја најдеме вистинската комбинација. Базата ја имаме, имаме играчи за ротација, секој секого може да го замени. Имаме мали проблеми во фаза на организација на играта, но имаме решение и за тоа. Во пресрет на овие четири меча од неделата на ЕХФ, мислев дека со заминувањето на Велко Маркоски одбраната сериозно ќе „чкрипи“, но се покажа дека младите со една борбеност, желба и со жар ќе можат да го дополнат тоа што го немаат како искуство – рече Брестовац.

На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б во Виена, каде што за првите две места што носат пласман во следната групна фаза ќе игра со Чешка, Австрија и со Украина.


Чешка и Украина по двапати поразени

Репрезентативната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ), за одигрување тест-натпревари ја искористија и противниците на Македонија на ЕП од групата Б. Чешка, која на овој собир настапи во некомплетен состав, забележа два пораза од Швајцарија. Првиот меч го загуби со високи 25-35, а повеќе отпор даде во вториот меч што заврши, 29-30.
Два пораза забележаа и избраниците на Сергеј Бебешко, селекторот на Украина. Таа репрезентација во два наврати беше поразена од Тунис (20-25 и 27-29).
Единствена со позитивен скор во оваа група е Австрија, која славеше победа во дуелот со Србија (32-30). Австријците синоќа играа со Словенија, која во првиот тест-меч викендов одигра нерешено со Холандија (29-29).
Најсилниот турнир во неделата на ЕХФ се играше во Данска, каде што во рамките на „Златната лига“ учествуваа Франција, Данска, Норвешка и Шпанија. Победник беше Франција, која во финалето славеше над Шпанија со 36-34 по изведувањето седмерци, откако мечот заврши нерешено, 31-31. Данска и Норвешка играа за третото место, меч, исто така, заврши нерешено, но поради подобрата гол-разлика третото место го освои Норвешка. 


РЕЗУЛТАТИ ОД ТЕСТ-МЕЧЕВИТЕ
Турција – Македонија 23-26
Македонија – Италија 26-26
Македонија – Грузија 25-21
Македонија – Грузија 29-28
—————————————————
Австрија – Србија 32-30
Австрија – Словенија вчера
—————————————————
Швајцарија – Чешка 35-25
Швајцарија – Чешка 30-29
—————————————————
Тунис – Украина 25-20
Тунис – Украина 29-27
—————————————————
Русија – Аргентина 22-24
Русија – Шпанија 2 32-28
Полска – Шпанија 2 24-24
Словенија – Холандија 29-29
Ц. Гора – БиХ 26-21
Шведска – Исланд 26-27
Франција – Шпанија 36-34
Франција – Данска 31-27
Шпанија – Норвешка 28-27
Данска – Норвешка 29-29