Ривалството помеѓу Бока Јуниорс и Ривер плата од Буенос Аирес се вбројува меѓу најжестоките и најинтензивни на планетата, а нивните фудбалски натпревари „Суперкласико“ создаваат вжештена атмосфера. Бока и Ривер, вечерва (стадион „Ла Бомбиниера“, 21 часот по средноевропско време) ќе го играат првиот во финалето на Копа Либертадорес, пандан на европската Лига на шампионите во фудбал. Реваншот е на 24 ноември, на стадионот „Монументал“ на кој Аргентина ја освои првата титула светски првак во 1978 година.
Првпат во историјата на ова натпреварување во финалето се среќаваат двете најголеми и најпопуларни фудбалски екипи во Аргентина. Бока досега шест пати ја освојувала титулата, а Ривер трипати бил шампион на Ј. Америка.
Двата најуспешни клуба во Аргентина потекнуваат од јужниот, работнички дел на Буенос Аирес, Ла Бока. Бока е основана во 1905 година од група италијански емигранти, кои ги избрале сината и жолтата боја на дресовите според знамето на шведскиот брод што тогаш пристигнал во пристаништето. Ривер (основан е во 1901-та) ги носи белите дресови со дијагонална црвена лента, а се преселил во северниот побогат дел од градот во 1925 година.