Во полуфиналето денеска играат Барселона – Нант и ПСЖ – Алборг

РАКОМЕТ – ПОЧНУВА 12-ОТ ФАЈНАЛФОР ВО ЛШ

Во првиот полуфинален дуел (15.15 ч.) на 12-от фајналфор-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ) и 61. сезона вкупно на најсилното клупско натпреварување во ракомет, францускиот шампион ПСЖ за противник ќе го има амбициозниот дански првак Алборг, кој зад себе ја има најдобрата европска сезона во клупската историја. Во вториот полуфинален дуел (18 ч.), францускиот вицепрвак Нант ќе се обиде да ја сопре перфектната серија сезонава на рекордерот според бројот на европски титули (девет) Барселона.
За ПСЖ турнирот во арената „Ланксес“ во Келн (Германија) ќе биде петти обид да стигне до првата европска титула. Данците се дебитанти во завршницата на натпреварувањето. За тимот на македонскиот капитен и селектор Кирил Лазаров, Нант, ова ќе биде втор обид да се искачи на врвот на Европа откако пред три сезони како дебитант загуби во финалето од Монпелје.
Барселона освен што сезонава го има најдобриот напад со просек од 36,2 гола по меч, ја има и најефикасната бековска линија (331 гол), која реализира повеќе од половина од вкупниот број голови сезонава (652), и најефикасните крила (213). Барселона ги има и најефикасните голмани, кои сезонава постигнаа седум погодока. ПСЖ ја има најдобрата одбрана меѓу финалистите со 24 примени гола по меч. Ако шпанскиот првак успее со трофеј да ја круниса годинашната сезона, ќе биде единствениот тим во историјата на ЛШ што до титулата европски првак стигнал без загубен меч. Поразените во полуфиналните мечеви утре од 15.15 часот ќе играат за пласман на третото место, а финалето е закажано за 18 часот.