фото: Приватна архива

Сведоци сме на многубројни примери низ светот во кои голем број спортисти, без разлика дали играат тимски или индивидуални спортови, се соочуваат со огромно количество стрес, вели Миркуловска

МАРИЈА МИРКУЛОВСКА, ПСИХОЛОГ И КОНСУЛТАНТКА НА РАКОМЕТНИОТ КЛУБ МЕТАЛУРГ

На спортистите со децении им беше кажувано да ги остават настрана сите сомнежи и да се фокусираат на задачата што ја имаат – да победат. Со години, американската гимнастичарка Симон Бејлс беше една од најдобрите во тоа, но одеднаш, за некои шокантно, таа одлучи дека нешто не е во ред. Со повлекување од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио и откажувањето од борбата за златниот медал, таа ја врати на маса дискусијата за менталното здравје што особено изминатата година се водеше низ спортот. Бејлс се повлече оти ја процени ситуацијата и сфати дека не би било здраво да се продолжи.
Американскиот пливач Мајкл Фелпс, освојувач на рекордни 23 златни олимписки медали, сега пензиониран, веќе долго време зборува за своите борби за менталното здравје.
– Менталното здравје во претходните 18 месеци е нешто за што луѓето зборуваат. И ние сме човечки суштества. Никој не е совршен – вели Фелпс.
Со овој потег, Бејлс им се придружи на низата врвни спортисти што зборуваат отворено на темата што навидум секогаш била табу во спортот. Јапонската тенисерка Наоми Осака се повлече од Отвореното првенство на Франција, потоа го откажа своето учество и на Вимблдон, а по нејзината рана елиминација во Токио, рече дека олимпискиот „котел“ е премногу голем за да се справи со него. Ни американската спринтерка Ша Кари Ричардсон не ги криеше проблемите со кои се соочуваше додека се подготвуваше за олимписко патување, кое никогаш не се случи. Холандскиот велосипедист Том Думолин го напушти тренинг-кампот во јануари за да ја „исчисти“ главата, велејќи дека му е „многу тешко да го најде својот пат како велосипедист Том Думолин“.

Тој продолжи со тренинзи во мај, а пред неколку дена освои сребрен медал во индивидуалната хронометарска трка. Австралиската кошаркарка Лиз Камбејџ се повлече од учество на ЛОИ една недела пред почетокот, поради вознемиреност од влегувањето во контролираниот „ковид-меур“ во Токио, нешто што би ја оддалечило од нејзините пријатели и семејство.
За тоа какво е влијанието и како се справуваат врвните спортисти со анксиозноста и со депресијата разговаравме со психологот Марија Миркуловска, консултантка на РК Металург.
– Анксиозноста и нападите на паника се исклучително чести кај луѓето што имаат многу стресна работа и минуваат низ исти ситуации од ден на ден, а тие самите не се свесни дека нивниот начин на живот доведува до споменатите проблеми. Сведоци сме на многубројни примери низ светот во кои голем број спортисти, без разлика дали играат тимски или индивидуални спортови, се соочуваат со огромно количество стрес – вели Миркуловска.
Според Миркуловска, анксиозноста или вознемиреноста е неоснован страв. Таа смета дека никој не е имун на страв, а со тоа и на вознемиреност, и дека тоа може да влијае апсолутно на секого, но дали ќе прерасне во анксиозно растројство зависи од многу фактори.
– Преголемите очекувања, претераното форсирање на себеси да се постигне целта и што подобар резултат, да се задоволат нечии туѓи потреби, резултира со несигурност, чести грешки, замор, тензија, конфузно однесување, лошо промислени одлуки, пад во самодовербата, пад во концентрацијата, несигурни и неефикасни движења и потези, што дава несоодветни резултати на тренинг и неефикасност на натпревари. Како последица на тоа се засилува анксиозноста, а лошиот резултат само го потврдува ефектот на лошата слика за себе, па како последица на тоа се јавува и депресивност. Тоа е магичниот круг на анксиозно-депресивната состојба.

Провокативни фактори што придонесуваат за појава на анксиозност и депресија може да бидат: промена на средината, на играчите, на тренерот, страв од неуспех и грешка, страв да не се разочараат родителите или тренерот, преидеализирани барања од самиот себе, недостиг од самодоверба и сигурност и слично – појаснува Миркуловска и додава дека уште од најмлада возраст, кога детето сѐ уште аматерски се занимава со спорт, тренерот мора да ја процени толеранцијата кон фрустрацијата и стресот кај детето, оти уште тогаш се оценува кој има капацитет да биде врвен спортист, а кој не би „пукнал“ под притисокот.
Таа потенцира дека порано се сметало дека индивидуалните спортисти се на многу поголем удар, затоа што сами се борат против противниците, против себе, со голем притисок да постигнат што подобри резултати, бидејќи добриот резултат ќе влијае на нивната кариера и на заработката на пари. Затоа индивидуалните спортисти во своите тимови имаат психолози и терапевти што работат со нив за надминување на депресивните состојби кога се принудени да направат краток одмор поради закрепнување од повреда или едноставно за да ги наполнат батериите по напорните турнири.


Kлубовите треба да ангажираaт психолози

Многу е тешко некој професионален спортист да си признае дека има психичка бариера што ја кочи неговата кариера или да му каже некому дека чувствува одреден проблем. Ова е голем проблем не само кај нас туку насекаде. Поголемите клубови почнаа да ангажираат тимови на психотерапевти, советници, кои работат со играчите, и тоа задолжително, исто како што е задолжителен тренингот. Овој вид советување има превентивно дејство, да не се развиваат симптоми и да не падне формата. Ако се појави вознемиреност на теренот, играчот не може да функционира, нема концентрација, почнува да размислува на сите можни лоши сценарија, а кога ќе се случи тоа, тогаш нема контрола над сопственото тело, блокирањето започнува како природна реакција при чувство на страв или борба. И на нашите спортисти задолжително им се потребни луѓе што ќе се грижат за нивното ментално здравје. Пандемијата и карантинот ја ставија во фокус важноста на менталното здравје и признавањето дека е тешко да се бориме против анксиозноста, депресијата и други ментални проблеми сѐ помалку е табу-тема – вели Миркуловска.