Европскиот првак Шведска е во групата Ц, во која се и Уругвај, Зелено`ртските Острови и првакот на Јужна Америка, Бразил. Во групата Д ќе играат Јужна Кореја и селекции што беа во иста група и на ЕП 2022, Исланд, Португалија, Унгарија

РАКОМЕТ – ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИТЕ НА СП 2023 (2)

Во пресрет на Светското првенство (СП) за ракометари, од утре во Полска и во Шведска, ви ги претставуваме репрезентациите, овој пат во групите Ц и Д.
ГРУПА Ц (Шведска, Бразил, Зелено`ртски Острови, Уругвај): Актуелниот европски првак и кодомаќин на СП 2023, Шведска, е главен фаворит во оваа група, во која се и селекциите од Јужна Америка, континенталниот првак Бразил и Уругвај и Зелено`ртските Острови од Африка. Натпреварите ќе се играат во Гетеборг. Шведска е рангирана на второто место според бројот на освоени медали на сите времиња на мундијалите, со по четири златни, сребрени и бронзени медали. Заедно со Германија учествувале на 25 СП, а Скандинавците се и со најмногу победи. Селекторот Глен Солберг може да смета речиси на сите играчи што беа дел од шампионскиот тим на Европското првенство (ЕП) лани. Клучни играчи се средниот бек Јим Готфридсон, левото крило Хампус Ване и двата одлични голмани Андреас Паличка и Микаел Апелгрен.
Бразил е дел од секое СП од 1995 година, а во 2019-та беше деветти. Ги предводи селекторот Маркус Оливиера, а главни играчи се левиот бек Тиагуш Дос Сантос, поранешниот вардаров пикер Рожерио Мораеш и левиот бек Раул Нантес. Од 2021 година, селектор на Зелено`ртските Острови е Љубомир Обрадовиќ, во составот има неколку квалитетни играчи што играат во Европа, како левиот бек Леандро Семедо, пикерот Пауло Морено, левото крило Делсио Пиња. Уругвај во 2021 година дебитира на СП и се пласира во следната фаза (откако Зелено`ртските Острови се повлекоа) и беа на 24-то место, со пет порази и една победа (службена). Ги предводи селекторот Николас Абел Гера од Филипини, а најголемиот дел ракометари се од домашното првенство.
ГРУПА Д (Исланд, Португалија, Унгарија, Јужна Кореја): Во оваа група европските репрезентации во претходните години често се среќаваа на големи натпреварувања, а со Холандија играа во иста група на ЕП 2022. И на ова СП ништо нема да биде познато предвреме, оти Јужна Кореја, која беше петта на Првенството на Азија, секогаш им создавала проблеми на селекциите од Европа.

Во 2022-та, амбициите на Унгарија на ЕП беа големи, оти беа кодомаќини, но беше елиминирана уште во раната фаза. Тогашниот селектор Иштван Гулјаш беше сменет, а за нов беше назначен Чема Родригез, поранешен среден бек на Шпанија и тренер на Бенфика. Ударна сила се пикерот Бенце Баниди, голманот Роланд Миклер и левиот бек Ричард Бодо.
Исланд, кој на ЕП 2021 беше шести, со што го оствари најдобриот резултат во претходните шест години, на СП 2023 ќе атакува на висок пласман. Селекторот Гудмундур Гудмундсон, кој сигурно ќе сака Исланд да биде прв во групата, има силен состав, а најмногу се очекува од левиот бек Арон Палмарсон, десниот бек Омар Инги Магнусон и левото крило Бјарки Мар Елисон. Португалија од дебито на СП 1997 остварува солидни резултати. Голем дел играчи настапуваат во најсилните европски лиги. На СП деби ќе имаат две ѕвезди во подем, браќата Франциско и Мартим Мота да Коста, кои во сениорскиот дрес дебитираа на квалификациските мечеви со Холандија. Селектор е Пауло Переира, а клучни играчи се десниот бек Франциско да Коста, пикерот Луиш Фраде и левиот бек Андре Гомеш. Г.И.