Можеме да кажеме дека сме таму каде што сакаме да бидеме. Тоа беше возбудлив турнир, полн со предизвици за сите. Зборував за целта да има еден милион гледачи и тогаш ми беше кажано дека ова е навистина предизвик, дека треба да има повеќе од 96 отсто продадени билети. Денеска полн со гордост можам да кажам дека успеавме. Имаме 1.008.660 гледачи на натпреварите. Оваа интеракција помеѓу гледачите и играчите на теренот го произведува токму она што сакаме да му го покажеме на светот, изјави Видерер, пренесе ЕХФ
РАКОМЕТ – ЕХФ ЗА ЕП 2024 ВО ГЕРМАНИЈА
Невиден број гледачи, голем број возбудливи натпревари и одлична организација и покрај пречките, тоа беа фокусните точки наведени од претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, претседателот на Германската ракометна федерација (ДХБ), Андреас Михелман, првиот потпретседател на ЕХФ, Предраг Бошковиќ, извршниот директор на ДХБ, Марк Шобер, и генералниот секретар на ЕХФ, Мартин Хауслајтнер, на завршната прес-конференција на годинашното Европско првенство (ЕП) за мажи, пред синоќешното финале во Келн.
По одиграни 63 од вкупно 65 натпревари (синоќа во финалето играа Франција и Данска, а во мечот за бронзениот медал Шведска и Германија), ЕХФ и ДХБ се осврнаа на многу успешниот финален турнир, кој беше и најголемиот досега одигран, пишува ЕХФ. Видерер зборуваше за тоа до каде стигнало ЕП од неговото основање во 1994 година, кое почна со мали сали и се разви до светски рекорд за посетеност на еден меч со 53.586 гледачи, кои присуствуваа на отворањето, на фудбалскиот стадион во Диселдорф.
– Можеме да кажеме дека сме таму каде што сакаме да бидеме. Тоа беше возбудлив турнир, полн со предизвици за сите. Зборував за целта да има еден милион гледачи и тогаш ми беше кажано дека ова е навистина предизвик, дека треба да има повеќе од 96 отсто продадени билети. Денеска полн со гордост можам да кажам дека успеавме. Со веќе продадените влезници заедно со последниот меч имаме 1.008.660 гледачи на натпреварите. Ова не е само нов рекорд, ова е огромна разлика од секаков вид ракометен настан што се одржал порано. Можеме да видиме судир на врвни тимови на речиси секој натпревар и оваа интеракција помеѓу гледачите и играчите на теренот го произведува токму она што сакаме да му го покажеме на светот – изјави Видерер, пренесе ЕХФ.
Во прелиминарната рунда на натпреварите присуствуваа над 500.000 гледачи, што беше претходниот рекорд по посетеност на цело ЕП. Во главната рунда, мечевите имаа 94 отсто пополнетост на трибините и сите натпревари во арената во Келн беа распродадени. Со оглед на тоа што Германија е домаќин на четири меѓународни ракометни турнири во изминатите и во наредните години, вклучувајќи и две светски првенства за сениори заедно со ова ЕП за мажи, тоа беше значајна пресвртница за ДХБ.
– Го планиравме ова ЕП како светилник во нашата т.н. „деценија на ракометот“. Стана многу повеќе од ова. Со вкупно 65-те меча изградивме 65 светилници за нашиот спорт. ЕП 2024 го постави тонот и го инспирира целото општество преку спортот. Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме оваа историја оти деценијата на ракометот уште тече – рече Михелман.
Бошковиќ рече дека одлуката да се зголеми бројот на репрезентации на ЕП на 24 е правилна, оти им овозможи на повеќе селекции да го почувствуваат натпреварувањето на највисоко ниво и да се развиваат. Тој ги спомна клучните моменти на ова ЕП, како што е ремито на Фарските Острови со Норвешка, првите бодови на Грузија и Австрија, која ја помина групата во прелиминарната рунда во која беа двократниот освојувач на титулата Шпанија и финалистот од 2020 година, Хрватска, а потоа одигра нерешено со Германија, пишува ЕХФ.
– Можеме да заклучиме дека нашето првенство станува сѐ поконкурентно – рече Бошковиќ, наведувајќи и некои клучни статистики од анализата на ЕХФ за ЕП 2024, коe покажа пораст на бројот на постигнати голови по меч.
Шробер, пак, зборуваше за блиските цели за ДХБ, а Хауслајтнер ги наведе бројките како што се гостинските навивачи, Австрија, која забележа нов рекорд на ТВ-гледачи на ракометен меч, со 570.000, дополнително, на апликацијата на ЕП над 10.000 корисници учествуваа и во гласањето за играч на натпреварите, над 1.500 акредитирани медиуми го покриваа ЕП 2024… Г.И.