Фото: ЕПА

Ако имате сѐ поголем интерес по 16 години, тоа покажува дека одговара. Локацијата е соодветна, опциите за патување од цела Европа се добри и тимовите и околината имаат што да понудат. Секако дека имаме од осум до десет тима во Европа што можат да победат во финалето. И, исто така, јасно е дека германската лига е многу силна, а секако натпреварите меѓу најдобрите француски тимови, Барселона, Веспрем или Киелце секогаш се тесни. Веќе видовме широк спектар констелации тука во Келн, со многу различни резултати, како што се победите на Вардар, вели претседателот на ЕХФ, Видерер

РАКОМЕТ

Уште еднаш арената „Ланксес“ во Келн беше распродадена за фајнлфорот во ракометната Лига на шампионите (ЛШ) викендов, но првпат со повеќе од 20.000 гледачи по меч, што е импресивен факт за претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, во интервјуто за ЕХФ.
– И во првите две или три години, арената „Ланксес“ беше распродадена, но мораше да се бориме за гледачи. Поставувањето на Келн се исплатеше, исто така и поради добрата соработка со градот, арената… Не сакам да претерувам, но турнирот во Келн сега е нешто како Вимблдон во тенисот. Ако имате сѐ поголем интерес по 16 години, тоа покажува дека одговара. Локацијата е соодветна, опциите за патување од цела Европа се добри и тимовите и околината имаат што да понудат. Тековниот договор важи до 2029 година, па затоа таму ќе ја прославиме нашата 20-годишнина – рече Видерер.
Два германски тима, Магдебург и Фуксе Берлин, се соочија во финалето. Како ја оценувате оваа констелација?
– Секако дека имаме од осум до десет тима во Европа што можат да победат во финалето. И, исто така, јасно е дека германската лига е многу силна. Секако, натпреварите меѓу најдобрите француски тимови, Барселона, Веспрем или Киелце секогаш се тесни. Веќе видовме широк спектар констелации тука во Келн, со многу различни резултати, како што се победите на Вардар. Не е посебно оваа година што два германски тима беа во финалето, оти целата сезона беше карактеризирана со врвни германски тимови. Фленсбург ја освои Европската лига. Но не смеете да заборавите дека квалитетот на германската лига значи дека таму играат врвни играчи. Затоа е потешко за германската репрезентација да биде на врвот отколку за клубовите, кои играат со најдобрите играчи во Европа – вели Видерер.
ЕХФ неодамна одржа конференции за натпревари, каде што беа дискутирани можни адаптации на системите за натпреварување за ЛШ, можеби од сезоната 2026/2027.

– Промените во системите за натпревари се од сложена природа, тоа има врска со фактот дека прво треба да го дефинираме меѓународниот календар заедно со Интернационалниот олимписки комитет за две-три години однапред. Мандатот на Извршниот комитет и на техничката комисија завршува во септември, во исто време сите засегнати страни, лиги, клубови и играчи избираат и номинираат свои луѓе за претстојниот четиригодишен период. Многу е разбирливо што Извршниот комитет нема да донесе одлука пред изборите за Конгресот (во септември). Сега ги оценуваме можностите во врска со ЛШ и последиците за Европската лига и за мажите и за жените, а разговараме и со нашите партнери, разбирајќи дека медиумските договори и долгорочните маркетинг-договори имаат влијание. Сето тоа мора да се вклопи во постојниот календар. Соодветно на тоа, промените во календарот мора да се координираат со засегнатите страни. Според мене, до крајот на октомври ќе можеме да ги објавиме резултатите од овој сложен процес – рече Видерер.
Како го оценувате првиот младински турнир на ЕХФ, со финалето во арената „Ланксес“, и какво влијание очекувате врз ракометниот екосистем?
– Видовме ракомет на високо ниво. Тоа беше турнир што се одржа во краток рок, оти дури во декември се одлучивме за такво натпреварување, а моите колеги од ЕХФ и од ЕХФ-маркетинг ги организираа четирите квалификациски турнири и финалниот. Потоа се регистрираа 13 од 16-те тима од ЛШ и уште три тима од клубовите на Европската лига. Дури и прелиминарните турнири беа на високо ниво, а во финалето видовме добар ракомет. Видовме играчи што сигурно во иднина ќе бидат во тимови од највисоко ниво и мислам дека можеме да го сметаме овој турнир за успех. Во исто време, Извршниот комитет одлучи дека ќе организираме турнир за ракометарки во 2026 година. Сметаме дека ова е вреден чекор кон иднината, мотивирајќи ги и врвните клубови за создавање нови играчи и за работа со млади таленти – вели Видерер. Г.И.