РАКОМЕТ
- Треба да бидеме задоволни од ждрепката. Напорно работевме за да дојдеме до моментот да бидеме во групата на носители и сега сме на добар пат да обезбедиме ново учество на голем настан и да ја продолжиме традицијата на успеси, вели македонскиот селектор Лазаров
Ракометната репрезентација на Украина или на Словачка ќе им биде противник на избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров за пласман на Светското првенство (СП) во ракомет, кое ќе се игра во Германија во 2027 година. Тоа е епилогот по ждрепката, која се одржа во Хернинг, ден пред завршувањето на 17. Европско првенство (ЕП) во Данска, Норвешка и во Шведска. Македонија со пласманот на 14-то место на ЕП 2026 година, односно со поразот од Данска, ремито со Португалија и победата над Романија, се најде меѓу носителите при ждрепката, односно беше дел од првиот барабан во извлекувањето, со што ги избегна силните селекции како Франција, Шпанија, Словенија, Норвешка… Во овој барабан се приклучија и репрезентациите што се пласираа од седмото до 16-то место на ЕП (Франција, Словенија, Норвешка, Унгарија, Шпанија, Швајцарија, Фарски Острови, Холандија и Австрија), па противникот се чекаше од вториот барабан, каде што беа послабо рангираните национални селекции. А ждрепката сакаше тоа да биде Украина или Словачка, односно победникот од овој нивен двомеч, кој ќе следува.
– Треба да бидеме задоволни од ждрепката. Напорно работевме за да дојдеме до моментот да бидеме во групата на носители и сега сме на добар пат да обезбедиме ново учество на голем настан и да ја продолжиме традицијата на успеси. Мораме да бидеме сериозни и професионално да се однесуваме. Имаме максимална почит кон националните селекции на Украина и на Словачка. Наскоро ќе дознаеме и точно против која репрезентацијата ќе играме, но ние мора уште од сега да направиме добар план и подготвени да ги дочекаме тие два натпревара во мај – изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија, по одржаната ждрепка.
Двомечот со една од овие репрезентации е закажан на 1/14 и 16/17 мај 2026 година, а подобриот ќе се пласира на СП. Ако Македонија се пласира на СП, тоа за неа ќе биде осми настап во низа, а вкупно 10 во нејзината историја. Црвено-жолтите досега биле дел од мундијалите во Египет 1999 (18 место), Хрватска 2009 (11), Шпанија 2013 (14), Катар 2015 (9), Франција 2017 (15), Данска/Германија 2019 (15), Египет 2021 (23), Полска/Шведска 2023 (27) и Хрватска/Данска/Норвешка 2025 (15).
Македонија и Украина досега на официјални квалификации за ЕП или за СП се сретнале пет пати, а епилогот е нерешен, по две победи за Македонија и за Украина и едно реми. Првпат во квалификациите за СП 1997 година, кога Македонија на свој терен одигра нерешено, 13-13, а Украина, пак, славеше дома со 25-19. Вториот пат во квалификациите за ЕП 2018, кога црвено-жолтите дома беа подобри со 27-21, а на гости одиграа нерешено, 27-27.
И последен пат на ЕП 2020 година, кога Македонија минимално славеше со 26-25. На сите овие средби, црвени-жолтите постигнаа вкупно 112 гола (22,4 во просек по меч), а примија 111 (22,2 во просек по меч). Украина досега настапи само на две СП, и тоа во 2001 година, кога го освои седмото место, и во 2007 година, кога заврши 14-та. На ЕП, Украина многу почесто е учесник, вкупно осум пати, во 2000 година (12-то место), 2002 (11), 2004 (15), 2006 (12), 2010 (16), 2020 (19), 2024 (24) и сега во 2026 (последна, 24.).
За разлика од Украина, македонските ракометари со Словачка досега имаат одиграно само два официјални меча и забележаа по една победа и еден пораз. Тоа се случи во квалификациите за ЕП 1996 година, кога Македонија дома победи со два гола разлика, 28-26, но, на гости загуби исто така со два гола, 24-26. И гол-разликата е еднаква, Македонија дала и примила вкупно 52 гола (26 во просек по меч). Словаците досега учествуваа на само две СП, и тоа во 2009 година, кога беа 10-ти и во 2011 година кога завршија на 17-то место. На ЕП, пак, играа четири пати, во 2006 (16 место), 2008 (16), 2012 (16) и во 2022 (18).
Десет места на претстојното СП 2027 ќе бидат пополнети преку овие бараж-натпревари, а таму се веќе организаторот Германија и светскиот првак Данска, како и најдобрите четири од ЕП (Хрватска, Шведска, Португалија и Исланд). Од Азија ќе играат Јапонија, Катар, Бахреин и Кувајт, од Африка во Германија ќе се појават Египет, Тунис, Зелено’ртски Острови, Алжир и Ангола, од Средна и Јужна Америка мундијалски влезница имаат Бразил, Аргентина, Чиле и Уругвај, додека во мај ќе се знае победникот на првенството од Северна Америка и Кариби, како и селекциите што ќе добијат две вајлд-карти од Светската ракометна федерација. Г.И.
































