Слабата реализација на скопјани беше причина за високиот пораз на гости од 27-37

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКАТА ЛИГА НА ЕХФ

Екипата на Алкалоид, актуелниот освојувач на Европскиот куп на ЕХФ, ќе има тешка мисија во реваншот в сабота во салата „Автокоманда“ против силниот бундеслигаш Хановер во квалификациите за Европската лига на ЕХФ, откако на првиот меч на гости загуби со 27-37 во првиот дуел од квалификацискиот двомеч. Подобриот ќе патува во групната фаза.
Избраниците на Кирил Лазаров имаа голема желба да остварат добар резултат, до средината на првиот дел беше 11-11, а на полувремето Германците веќе имаа предност од пет гола (19-15). Во вториот дел Алкалоид остана и со играч помалку откако Мартин Велковски доби црвен картон, што се почувствува во играта. Слабата реализација на скопјани беше причина што голманите на Хановер имаа вкупно 19 успешни одбрани.
Најефикасен кај Алкалоид беше новото засилување, левото крило Улфар Пал Монси Тордарсон од Исланд со 10 гола, а зад него беше второто засилување, српскиот лев бек Урош Борзаш со четири погодоци. Кај Хановер, доминираше десното крило Мариус Штајнхаузер со 11 гола..
Сепак треба да се истакне фактот дека Алкалоид немаше среќа во ждрепката и го доби апсолутно најтешкиот ривал во оваа фаза. Хановер минатата сезона го освои шестото место во Бундес-лигата и за еден бод не успеа да се пласира во Лигата на шампионите. Пред реваншот во Скопје в сабота, кој започнува во 19.30 часот, на екипата на Алкалоид ќе ѝ биде доделен победничкиот пехар што освои во Европскиот куп на ЕХФ. Г.И.