РАКОМЕТ
- Македонија во Куманово ја победи Белгија со 33-25 и сега е трета во групата 3. По некомплетното четврто коло, Шведска и Шпанија први обезбедија пласман на ЕП, каде што ќе играат двете првопласирани репрезентации од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните
Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија ја забележа првата победа во четвртиот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција и со тоа ги продолжи надежите за осми пат, а третпат во низа да настапи на ЕП. Избраничките на селекторот Христијан Грчевски ја совладаа соодветната селекција на Белгија со 33-25 (17-14) во Куманово и се реваншираа за неодамнешниот пораз (25-26) на гости.
Најдобра ракометарка во составот на Македонија беше Марија Јанкуловска, која осум пати ја затресе противничката мрежа од 13 шута (62 отсто), а Ива Младеновска, Сара Стефаноска и Јована Кипријановска реализираа по шест пати. На голот одлично бранеше Андреа Илиќ со 13 интервенции (34 отсто ефикасност). Кај Белгијките отскокнуваше Неле Антонисен со 13 погодоци од 17 шута (76 отсто). Вториот меч од оваа група, помеѓу Словенија и Германија се играше вчера доцна попладне.
– Среќни сме. Покажавме како се игра со срце.
Ги исправивме грешките што ги направивме на натпреварот во Белгија и со публиката како наш осми играч успеавме да го добиеме овој меч и да ги задржиме нашите шанси за пласман на Европското првенство – рече репрезентативката Ивана Гакидова, која постигна два гола.
По некомплетното четврто коло, Шведска (група пет) и Шпанија (група шест) први обезбедија пласман на ЕП, каде што ќе играат двете првопласирани репрезентации од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните, така што многу работи ќе зависат од резултатите на репрезентациите во другите групи. Директен пласман на ЕП 2026 обезбедија домаќините и првите три од континенталното првенство во 2024 година, Норвешка, Данска и Унгарија.
Следните натпревари во групата три се на 7 или на 8 април, а Македонија ќе биде домаќин на фаворизираната Германија. Г.И.
ГРУПА 3
Македонија – Белгија 33-28
Словенија – Германија вчера
ТАБЕЛА
Германија 3 3 0 0 104-62 6
Словенија 3 2 0 1 80-72 4
Македонија 4 1 0 3 96-116 2
Белгија 4 1 0 3 97-127 2
Идно коло (7/8 април): Македонија – Германија и Белгија – Словенија.
































